Бројот на туристи, но и бројот на ноќевања во текот на изминатата година покажува дека веќе се достигнати и надминати бројот на посети од пред пет години, поточно од 2018 година. Сепак, минатата година се уште не е достигнат врвот како во предпандемиската 2019 година, кога во Македонија имаше најголем број на туристи, проследено со најмногу ноќевања.
Очекувањата се секако дека оваа година ќе се надминат рекордите од 2019 година.
Бројките кои ги објави Државиот завод за статистика покажуваат дека во текот на минатата година нашата земја ја посетиле 1.169.000 туристи, при што за период од пет години има раст од 42 илјади посетители. Сепак, во 2019 година имало 1.185.000 туристи, што е за 16 илјади туристи повеќе.
Од друга страна кај ноќевањата иако минатата година имало повеќе туристи отколку пред пет години, нема толку голем раст на остврените ноќевања. Па така во 2023 година биле остврени 3.136.000 ноќевања, додека во 2018 година 3.177.000 ноќевања. Врвот е постигнат во 2019 година кога биле регистрирани 3.262.000 ноќевања.
Годините по почетокот на пандемијата, туристичкиот сектор беше најпогоден, кога поради рестрикциите имаше големо намалување на туристите, поради што туризмот забележа „длабок“ рез и кај посетителите и кај приливите.
Враќањето на туристите е позитивна вест, но како што велат упатените, треба да се работи на тоа како да се задржат туристите на подолг престој. Податоци говорат дека и понатаму најголем дел од туристите во Македонија во хотелите, и останатите сместувачки капацитети престојуваат кратко, поточно два до три дена. Иако ова не е важи за сите, сепак, статистичките бројки упатуваат на краток претстој.
Иако бројот на туристи не го надмина рекордното ниво, сепак според Агенцијата за поддршка и промоција на туризмот, секторот има голем раст во приливите. Во првите три квартала од 2023 години достигнати се рекордни 471,59 милиони долари прилив во македонската економија.
- Туристичкиот промет порасна и во третиот квартал од 2023 година и изнесува 241,86 милиони долари во македонската економија, со раст од 26,2 отсто споредбено со истиот период 2022 година. Вкупно трите квартали за 2023 година имаат раст од 25 проценти споредено со изминатата година – се наведува во една од анализите на АППТ.
Актуелната директорка на АППТ во неодамнешно интервју укажа дека позитивниот тренд на бројот на странски туристи и ноќевања, не е причина за опуштање, туку напротив, нивниот фокус следниот период ќе биде развој на одржливи дестинации и продукти, развој на локални и регионални туристички брендови и промоција на одговорно патување.
- За нас од особено значење има развојот на алтернативните форми на туризам, бидејќи македонската туристичка понуда е пред се комбинација од рурален, авантуристички, културен, еногастро туризам и многу повеќе. Македонскиот туристички продукт е мешавина од богато културно наследство и неисцрпно природно богатство.
Во наредниот период во континуитет треба да се работи на интензивна промоција на севкупната туристичка понуда. Со тоа би се зголемил бројот на странски туристи и ноќевања, но ќе се зголеми и атрактивноста на десинацијата и конкуренцијата – нагласува Јасмина Лескаровска, директорка на АППТ.