Суза и Јовица од Росоман имаат три деца и живеат од земјоделие, поточно од градинарски култури под фолии, лозје, а наскоро планираат да подигнат насад и со праски.
Семејството се состои од седум члена, Суза и Јовица заедно со децата и родителите, иако едните мали, другите повозрасни, сепак сите помагаат, кој колку може. Најмногу помага највозрасната ќерка, оваа година наполнила 18 години и работи со многу труд и љубов.
Покрај грозјето имаат и градинарски култури под фолии, кромид, марула и розови домати.
-Од мали нозе работиме. Започнавме се сами, немаме ништо помош, се сами, од земјоделието што ќе заработиме – ќе вложиме и одрините што ги правевме се од нашите финансиии, немаме ништо користено, ни ИПАРД ни ништо. Тешко е финансиски, како земаш така даваш и да беа малку поинакви условите, веднаш би искористил, но морам постепено, раскажува Јовица Стојановиќ.
За најголемиот дел од тоа што го произведуваат имаат обезбеден откуп
-Најголем дел оди за Бонита Прилеп, целото производство оди за нив, доматите, младиот кромид и дел од грозјето, имаме речиси десетгодишна соработка, на доверба, ни плаќаат редовно и се оди за нив. И дел од грозјето оди за нив, но сега првпат продадовме дел од грозјето и за Деспина комерц. Имаме 2 хектари лозје планираме да зголемиме и да насадиме уште еден хектар, вели Јовица Стојановиќ.
„Од кога сме во брак постојано работиме. Претходно имавме праски, сега немаме но пак ќе почнеме и со праски, лозјето го имаме цело време.“- додава неговата сопруга
Таа е оптимист и вели дека ќе можат да го издржат товарот финансиски, но доколку има можност и услови што ќе им одговараат полесно да вложат во нивната работа, ќе биде подобро да ја искористат и оваа можност.
„Мислам дека ќе можеме сами финансиски да успеееме, сега имаме 45 декари и сакаме се да затвориме со фолии, грозје и овоштарство. Нам ИПАРД не ни одговара, а сакавме да конкураме. Треба да ги дадеме парите, 20.000 евра, а ние од тие пари живееме, затоа работиме вака постепено, сами, како на рати ни излегува, но тоа е. Сакаме да зголемиме, но да мора вака постепено. Од целиот приход што ќе го земеме оваа година треба да оставиме за лозовиот насад прачки и овошни садници, па потоа другата година пак за тоа што треба следно, наеднаш не можеме да ги вложиме сите пари“, вели Суза Стојановиќ.
Целиот текст е на АГРОТИМ.МК