Поради скапиот пипер, изумира традицијата на правење домашна зимница. Годинава, откупната цена на ајварката е 50 денари и таа се продава на зелените пазари по 100 денари за килограм.
Бербата на црвената пиперка ајварка е во тек, а земјоделците велат дека, со оглед на намаленото производство и на сушата, стравуваат дека нема да има доволно количини за индустријата и за домаќинствата. Последниве години, поради намаленото производство, се зголеми цената на пиперот и изумре традицијата на правењеомашен ајвар. Годинава, откупната цена на ајварката е 50 денари и таа се продава на зелените пазари по 100 денари за килограм. Додека, пак, цената на ајварот во маркетите се движи од 200 до 400 денари, зависи од големината на теглата и од квалитетот.
– Прва класа црвена пиперка ајварка се откупува за 50 денари, а втора класа, онаа за индустриско производство, од 20 до 30 денари за килограм. Поради намаленото производство и сушата, не знам дали ќе има доволно пипер за да се задоволат потребите на индустријата и на домаќинствата. Освен што се намалени површините насадени со пипер, поради сушата, намалени се и количините. Таму каде што се наводнуваше, квалитетот е добар, а каде што не се наводнуваше се исуши – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.
Од Националната земјоделска мрежа велат дека ние веќе немаме домашно производство, сè е од увоз. И она што го има, сушата го уништи, односно 60-70 отсто е трета класа. Поради слабиот квалитет, родот што сè уште не е набран, брзо скапува. За жал, тоа е реалноста и ќе мора да се соочиме со тоа дека земјоделските производи ќе бидат сè поскапи и ќе ги нема.
– Со оглед на зголемените трошоци и на намалените количини, и оваа цена е ниска. Но, се надеваме дека ќе се почитува договорот и нема да падне пиперот под оваа цена, која е гарантирана. Производството е значително намалено во однос на лани, а, поради климатските промени, намален е и квалитетот на родот. Од друга страна, проблем е по кој критериум ќе се одредува квалитетот и како ќе се врши исплатата. Никаде не се спомена рок до кога ќе се врши исплатата од трговците и од откупувачите. Земјоделците се економски исцрпени и не можат веќе, како порано, да го предадат родот, а потоа да чекаат исплата – изјави за весникот ВЕЧЕР Ѓорѓи Каракашев, претседател на Националната земјоделска мрежа.
Тој додава дека за граѓаните е скапо, но ние не сме социјална установа. Знаеме дека стандардот на граѓаните е низок, но и земјоделците работат за џабе. За разлика од земјите во регионот, земјоделските производи кај нас се далеку поевтини, вели Каракашев.
Граѓаните последниве години сè поретко прават ајвар, бидејќи цената на пиперот е многу висока. Велат дека со овие цени ќе престане македонската традиција на правење домашен ајвар.
– Се надеваме дека ќе можеме да направиме неколку тегли, колку да ја запазиме традицијата. За повеќе немаме, пиперот е скап, а и другите продукти за правење ајвар се скапи. Минатата година не правевме и купувавме од маркет, но вкусот не е ист како домашниот – вели една скопјанка.
Граѓаните се жалат дека не им се доволни платите и пензиите ни за задоволување на основните потреби, а камоли за зимница.
Инаку, за правење минимална количина домашен ајвар, потребни се 3.000 денари. Но, со оглед на тоа дека цените на зеленчукот и на другите продукти секојдневно растат, неколку тегли ајвар може да ве чинат и повеќе од 3.000 денари.
На зелените пазари, цената на доматите не се симна под 70 денари за килограм, зелените пиперки стигнаа над 100 денари, цената на килограм индустриска краставица стигна и до 130 денари, а индустрискиот пипер ајварка до 100 денари, во зависност од големината. Модрите патлиџани се продаваат по 20 денари парче, а морковот чини 50 денари за килограм.