Студентските домови „Кузман Јосифовски-Питу“ и „Стив Наумов“ нема да примаат студенти поради реновирање, па навала ќе има за „Гоце Делчев“, а ќе се нудат и ученички домови. Во исто време расте наемнината на становите во Скопје, каде што месечните трошоци по студент чинат дури седум пати повеќе отколку престој во студентски дом.
Сместувањето во државните студентски домови, каде што во некои од нив условите не се баш најидеални, и годинава ќе биде најевтината опција за македонските студенти од другите градови што студираат во Скопје. Месечната цена за сместување и исхрана изнесува 6.820 денари, од кои половината ги партиципира државата, па останува студентот да плати околу 3.400 денари. Тоа е за седум пати пониска цена во споредба со сместување во приватен стан. Годинава во Скопје посолидно опремен стан од околу 50 квадратни метри, во кој би можеле да се сместат двајца студенти, се изнајмува по 350 евра, што е за 20 до 50 евра поскапо од лани. По студент доаѓа кирија од 175 евра или над 10.700 денари. Ако кон ова се додадат и режиските трошоци од околу 3.000 денари по студент, па храна околу 15.000 денари, месечниот издаток е околу 25.000 денари или повисок од минималната плата во Македонија.
– Лани за стан од 50 квадратни метри во центарот на Скопје плаќавме 330 евра, а сега изнајмивме друг и цената е 370, сума што ќе ја делат две цимерки. Сакаме да е во близина на факултетот зашто изминатата година имаше проблеми со јавниот превоз во Скопје. Во студентски дом не сакаме да оди зашто имаме примери од други студенти кои беа сместени таму и не се многу задоволни. Некои се префрлија во приватни станови, а имаше и случај на студент кој се откажа од студирањето зашто факултетот му беше далеку, а во домот не беше задоволен – раскажуваат родители од Битола.
Извор: Факултети