Регулаторната комисија за енергетика ги прави последните подготовки за најавеното зголемување на дневната евтина тарифа на струјата. Информациите кои досега се познати во јавноста се дека од први ноември граѓаните наместо до 15 часот, поевтина енергија ќе користат до 16 часот. На сила останува евтината тарифа во ноќните часови и секако денот недела.
Од Регулаторна за Денар потврдија дека во тек се анализите за воведување на дополнителен час на евтина тарифа во текот на денот. Станува збор за опсежна компаративна финасиско енергетска анализа во која освен енергетскиот аспект исто така значајно влијание имаат и финасиските елементи пособено ако земеме во предвид дека сме во фаза на стабилизација – по пандемијата и енергетската криза, додава регулаторот. Велат дека ги очекуваат резултатите за да може да донесат финална одлука.
„Ние имаме добра намера во идејата да ослободиме уште еден дополнителен час евтина тарифа од која најмногу бенефит секако ќе имаат пензионерите. Но во исто време мора да водиме сметка да има сигурна и стабилна испорака на електрична енергија и системот да се стабилизра сериозно за да може да изгради простор за понатамошни можни екстерни шокови. Она што загрижува е што изминатите неколку месеци берзанските цени на електричната енергија во регионот се повисоки од цените на берзите во Западна Европа и во Скандинавија. За оваа состојба побаравме да се вклучат и од Енергетската заедница“, велат од Регулаторната комисија за енергетика.
Првиот човек на регулаторна Марко Бислимовски неколку недели пред да ја објави цената на струјата за вторите шест месеци од годинава соопшти дека се прават планови периодот во кој граѓаните ја користат дневната евтина тарифа, да се зголеми. Односно наместо од 13 до 15 часот, да биде до 16 часот. Па Бислимовски на пресконференцијата на која се објави новата цена на струјата потенцираше дека таа поволност домаќинствата би ја имале од номеври.
„Ја прошируваме бесплатната тарифа за да ја искористиме евтината цена на струјата во овие периоди. Исто така, со тој сигнал што го испраќаме до ЕСM и ЕВН Дом, да купуваат струја во тие периоди, особено ЕВН Хоме, ќе понудиме пониска цена на струјата што е многу можно да ни овозможи да ја намалиме цената на струјата за домаќинствата“, изјави претседателот на РКЕ Марко Бислимовски.
Во 2021 година, кога енергетската криза го зададе најсилниот удар, регулаторот по серија анализи реши да ја укине дневната евтина тарифа со образлижение дека таа услуга е многу скапа за државата. Тоа официјално се случи во јануари 2022 година, а ставот на надлежните беше дека доколку на сила остане дневната евтина тарифа, во тој случај зголемувањето на цената на електричната енергија ќе изнесуваше 14,2 отсто. Една година подоцна или декември 2023 година, регулаторот повторно реши дека има простор за враќање на дневната евтина тарифа од 13 до 15 часот. За цело ова време евтина тарифа домаќинствата имаа и во ноќните часови, односно од 22 до седум часот наутро. И секако 24 часа во недела.