Туристички центри во регионот ги зголемија туристичките такси, а некои градови почнаа да наплаќаа дневна влезница за туристите и такса за туристите што користат сместување во градот.
Може ли Охрид да ја искористи оваа ситуација и да привлече повеќе туристи, а да го задржи идентитетот на културно-историски центар на Балканот? За да се случи тоа туристичките експерти сметаат дека потребно е Охрид да го смени ва пристапот во развојот на туризмот во следната деценија. Дел од експертите сметаат дека треба да се привлечат повеќе туристи, преку создавање на нови туристички производи, зајакнување на понудата, подобрување на услугата, други пак дека не ни е потребен масовен туризам, туку нови алтернативни форми на туризам. Директорката на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Билјана Стефаноска, смета дека треба да се етаблираме како туристички бренд-идентитет, а културниот, транзитниот, руралниот и етнотуризмот да бидат меѓу приоритетите.
-Земјава треба да се етаблира како бренд-идентитет дестинација. Во тоа ќе мора да инвестира, но ќе мора и посветено да работи зашто е од круцијално значење и основа за туристичка промоција. Брендирањето е процес на идентификување, изработка и негување на уникатниот идентитет на туристичките региони и дестинации кои ќе ја разликуваат од нејзините конкуренти. Во таа насока, ќе се унапредува културниот, транзитниот и руралниот туризам, етнотуризмот, планинскиот туризам и другите алтернативни форми на туризам со цел создавање услови за порамномерен и одржлив развој на дестинациите, вели Стефаноска.
Според Љупчо Јаневски, поранешен директор на АППТ и туристички експерт, смета дека очигледна е потребата Охрид да го менува пристапот во развојот на туризмот во следната деценија. Оваа туристичка сезона јасно ги покажа слабите страни и потребата од создавање на нови туристички производи, зајакнување на понудата, подобрување на услугата, промоција фокусирана на примарните и секундарните пазари, дигитализација…
-Стратегијата треба да ги опфати сите засегнати страни во охридскиот туристички сектор со реална сегашна состојба и целите кои истата треба да ги постигне. Сегашната состојба мора да се подобри и воведе ред во наплатата на туристичката такса, да се создаде регистар на станоиздавачи и да се зајакне инспекциската туристичка служба во градот. Околу 80 отсто од платената туристичка такса се слеваат во градската каса кои треба да се користат за промоција на дестинацијата, а не за други потреби. Ако знаеме дека оваа година Охрид ќе оствари повеќе од 1 милион ноќевања, ќе увидиме дека се работи за сума од 30-35 милиони денари, кои се наменети само за туризмот. Доволно финансии за настап на повеќе меѓународни туристички саеми, одлична дигитална промоција во регионот и светот, како и можност странските туроператори да го постават Охрид во нивното портфолио на понуди за 2025 година, изјави Јаневски за ВЕЧЕР.
Според него, не смееме да дозволиме Охрид да стане дневна екскурзија дестинација на туристите кои ја посетуваат Албанија и дестинација само за кружни патувања. Апелира дека потребно е веднаш да се реагира и да се создаде стратешко планирање за 2025 година со цел да се стопира падот на полските, холандските, бугарските и отворат нови линии за други дестинации до охридскиот аеродром.
Дел од експертите сметаат дека на Охрид не му е потребен масовен туризам, туку алтернативни форми на туризам кои може да придонесат кон подобрување на квалитетот на услугите и продолжување на туристичката сезона.
-Со тоа, Охрид би можел да привлече посетители кои се во потрага по автентични искуства, како што се рекреација и релаксација во природа, истражување на културното наследство и учење за историјата и традицијата на регионот. Ова не само што ќе обезбеди поголем економски бенефит за локалната заедница, туку и ќе ја заштити уникатноста на Охрид како светско наследство. Според искуствата од други дестинации, алтернативниот туризам може да биде клучен за одржливиот развој. Тој овозможува поголем дел од приходите да останат во локалната економија, додека истовремено ги заштитува природните и културните вредности, сметаат експертите.
За ова да може да се реализира потребен е интегриран пристап од локално и државно ниво, а туризмот да се наметне како важна економска гранка. Исто така потребно е привлекувањето на инвестиции во туризмот, пред сè на светски хотелски брендови кои ќе овозможат дополнително зацврстување на Охрид и Македонија на светската туристичка мапа.