Приватните превозници ги паркираа автобусите. Градскиот превоз во аут, превозниците гневни затоа што советот не ја стави на дневен ред точката за покачување на цената на минат километар.
Проблемите со јавниот превоз се продлабчуваат, а додека траат партиските препирки, граѓаните од денеска ќе мораат да се снаоѓаат и со така изретчениот возен ред. Тие доцна синоќа одржаа состанок по кој за Телма информираа дека од утрово нема да сообраќаат по редовните линии, а денеска ќе возат само трета смена односно од 17 часот.
Според информациите за време на викендот ќе сообраќаат по вообичаениот возен ред, а од понеделник продолжуваат со сега донесената одлука односно само во попладневните часови.
Велат дека нема да отстапуваат од своите барања и се додека нема одговор ќе останат паркирани. Чекаат нивното прашање да се решава на вонредна седница бидејќи како што велат редовната е на 21 октомври и доколку до тогаш не се изнајде решение за проблемот градот ќе се соочи со вистински хаос.