Расте употребата на електронските форми за плаќање кај населението, покажуваат најновите податоци на Народната банка за платежната статистика за вториот квартал од 2024 година.
- Тренд на натамошна засилена употреба на дигиталните канали за извршување на плаќањата во земјата, особено од страна на граѓаните, како при употребата на платежните картички, така и при употребата на решенијата за мобилно плаќање при електронско иницирање на кредитните трансфери, односно платните налози - соопштуваат од НБРСМ.
Бројките откриваат дека во вториот квартал од 2024 година, забележан е значителен годишен раст кај бројот и вредноста на платежните трансакции на граѓаните во трговијата во земјата, со картичките издадени од домашните даватели на платежните услуги од 17,2 отсто, и 16,2 проценти. Растот на бројот на платежните трансакции се должи пред сѐ на високиот годишен раст на плаќањата во е-трговијата во земјата од 21,8 проценти, при солиден раст од 16,8 отсто и на плаќањата на терминалските уред ПОС, открива Народна банка.
- Годишен раст е забележан и кај плаќањата на граѓаните со платни налози, особено кај бројот на платежните трансакции од 9,4 проценти, како и помал годишен раст од 0,9 отсто кај вредноста на остварените трансакции, при натамошна зголемена употреба на дигиталните канали за иницирање на овие плаќања - соопштуваат од НБ.
Бројот на платежните трансакции со користење на апликациите за мобилно плаќање во вториот квартал од оваа година е поголем за 44,3 отсто од бројот на овие трансакции во истиот период од 2023 година, а солиден годишен раст од 12,6 проценти е забележан и кај бројот на трансакциите иницирани преку онлајн банкарството.
Притоа, со користење на апликациите за мобилно плаќање, граѓаните извршиле 63,7 отсто од вкупниот број електронски иницирани платни налози, што укажува на сѐ поголемата употреба на решенијата коишто им овозможуваат побрзо и поедноставно иницирање на платежните трансакции.