Во малите места нема содржини што ќе го направат престојот интересен, таму не секогаш има голем број сместувачки капацитети, а онлајн нема податоци за транспортот од еден град до друг.
Во државата има кучиња скитници кои ги застрашуваат луѓето, а таксистите ги мамат странците. Ова се дел од причините што ни ги наведоа странските туристи во однос на фактот дека посетителите во земјава според статистичките податоци на Државниот завод за статистика(ДЗС) престојуваат два до три дена. Шарлот де Темерман од Белгија летово ја посетила Македонија, останала тука 10 дена, била во повеќе градови, но сфаќа дека голем дел од странците не би одвоиле толку време за шетање во државава. Таа вели дека Македонија треба да се фокусира во малите места да понуди содржини, а како предлог додава дека може почесто да има базари. Според неа, близу националните паркови треба да има повеќе куќи за сместување на туристи. Де Темерман објаснува дека во Белгија сите податоци за превозот се достапни електронски, а таа во Македонија морала да ги прашува локалните жители за истото.
„Освен Охрид и Скопје, другите места се помали, со помалку работи кои може да се видат. Но, посетивме уште неколку места и вредеше да се видат од културен аспект. Јас би рекла дека ви требаат повеќе базари, тие се многу пријатни и во тренд, исто така, фокусирајте се на прекрасните пешачки патеки, направете повеќе куќи за гости околу националните паркови. Мислам дека треба да има и добра информативна страница, конкретно за јавниот превоз“, вели туристката од Белгија.
Џон Јоханесен од Норвешка објаснува дека на Македонија ѝ треба повеќе маркетинг.
„Мислам дека треба да се рекламирате повеќе онлајн. Многу луѓе од Скандинавија дури и не знаат за вашата земја. Рекламирајте jа вашата храна, култура и историја. Но, има и многу деца што питаат, кучиња скитници од кои луѓето се плашат. Таксистите мамат, но јас ги знам цените и тоа кај мене не поминува. Но, тоа се случува во сите земји, дури и во Чешка, а и во Норвешка имав такво искуство“, објаснува Јоханесен кој трипати досега ја посетил Македонија.
Билал Хазрат, јутјубер од Пакистан кој снима репортажи за патувања вели дека е потребно во земјава да има што повеќе описни објаснувања на англиски јазик за туристите за тоа што можат да посетат.
„Треба транспортниот систем да биде подобар, мислам на автобуси и такси. Бев пет дена во Македонија и планирам да дојдам пак“, додава Хазрат.
Од февруари секој ден во Македонија ќе доаѓа по еден авион со туристи од Германија, Франција и од Велика Британија. Тоа се дополнителни 35.000 гости на годишно ниво, надвор од туристичката сезона, најави премиерот Христијан Мицкоски. Овие гости ќе ги посетуваат значајните културни и историски споменици и обележја во регионот и се очекува при нивниот престој во Македонија да потрошат вкупно 30 милиони евра.