За социјализација на децата, за да може да се во контакт со модерните технологии, да има со кого да се натпреваруваат министерката за образование предлага подрачните училишта да се припојат кон централните, па оние од руралните места да одат во градските средини.
Со ова, смета министерката, и наставниците кои работат со одделенија од пет, девет ученици, ќе останат на работа, а ефектот ќе биде подобар, а ќе се постигнат и повисоки резултати на ПИСА тестирањата.
– Неопходна е во Македонија едносменска и целодневна настава до петто одделение, затоа што нашите ученици многу заостануваат зад своите врсници во Европа. Три и пол години како да се поназад, 900 часа помалку до 15 години и на последно место на ПИСА, не е последно, тука некаде се менуваме со Косово и со Албанија. Притоа Македонија има 3.000 наставници вишок. што значи тоа, дека наставници наши работат со паралелки од девет, 12, 17 ученици, што не е добро за учениците. Имаме места кадешто има паралелки од по 4 или 5 ученици. Тоа значи дека тие деца не се социјализираат, тоа значи дека тие деца немаат со кого да се натпреваруваат, тоа значи дека тие деца се во затворен круг без да имаат информации современи, модерни… тие се лоцирани во една рурална средина или во едно издвоено училиште- додава Јаневска.
Затоа, ветува министерката, до крајот на мандатот ќе обезбедат сите ученици до петто одделение да останат на целодневна настава. За таа цел ќе се доправат училници во оние училишта на кои им фалат за да можат да организираат едносменска настава, а кај некои општини ќе треба да се изградат нови училишта.
– Нема капацитети во земјата за одеднаш да се тргне во едносменска настава и во целодневна настава во овој момент. Но, планот е таму каде што има, да се започне веднаш, а има секаде во внатрешноста на земјата, проблем е Скопје и уште неколку училишта, во неколку поголеми градови. Планираме и веќе со Светска банка проект, анализа направи МОН,но ќе направи и Светска банка, приоритетно каде можеме да почнеме со едносменска настава само со доградба на училници. Во одреден број училишта, тие се околу 140 училишта, потребна е доградба од една до 15 училници. Петнаесет училници е веќе поголем зафат, но во Чаир ќе треба да се изгради училиште, во Аеродром исто така ќе треба да се изгради училиште. Јас постојано ги потсетувам градоначалниците, дека во капитални инвестиции треба да планираат и нешто за образованието – рече Јаневска.
Учениците да не бидат во училиште од 8 до 11 часот, туку од 8 до 16.30 часот – вели министерката Јаневска, која денеска презентираше што направило МОН за првите 100 дена од новата Влада.
Таа вели дека знае оти сѐ повеќе луѓе се отселуваат од државата, а со тоа се намалува и бројот на учениците, а од друга страна имаме ист број наставници.