Вработените во Германија долго време одвојуваат дел од заработката за задолжителни пензиски вложувања, а на крајот добиваат малку. Поточно, просечната пензија по 45 години и два месеци работа изнесува 1.500 евра, пишува dpa.
За пензија од 1.250 евра, работникот мора да работи и да плати придонеси 37 години и седум месеци, соопшти Министерството за социјални работи на барање на претставникот на партијата Левица, Серен Пелман.
За пензија еднаква на минималниот осигурен износ од 938 евра, работникот треба да плати 28 години и три месеци, пренесува списанието Феникс.
Пресметката Министерството ја заснова на претпоставката дека работникот се пензионирал на 1 јануари годинава, по просечната плата и просечните исплати на пензискиот фонд.
Сепак, многумина не го заработуваат националниот просек. Според податоците од државното осигурување, таа годинава изнесува 45.358 евра, што значи дека милиони во Германија и по повеќедецениска работа не добиваат соодветна пензија.
Пелман праша и колку плаќале пензионерите според дадените параметри.
За 1.500 евра месечно во текот на својот работен век требало да издвојат 119.066 евра, одземајќи од вкупната бруто-заработка од 1,25 милиони евра.
За 1.250 евра во тие 37 години и седум месеци требаше да платат 107.800 од бруто 107.810, а за основна пензија од 938 евра, тоа се 88.497 евра издвоени од бруто приходот од 921.735.
Левица, најмалата партија во Бундестагот, бара зголемување на сите пензии за 10 отсто.
„Германскиот пензиски систем е оштетен од политиките на социјалдемократите (СПД), Зелените и либералите (ФДП)“, рече Пелман, шеф на парламентарната група на Левица.
„Пензионерите добиваат премалку по долги исплати“, додаде тој.