Недостигот на работна сила значително ја коригира цената на трудот, но последните статистички податоци открија огромен парадокс: просечната нето-плата се намали за речиси 1.000 денари! Последните статистички податоци се однесуваат за јули, кога просечната исплатена нето-плата била 40.961 денари, за разлика од платата во јуни, која изнесувала 41.939 денари. Интересно е, пак, што јули е месец кога пазарот на труд уште повеќе се намали со оглед на одливот на сезонски работници коишто отидоа на летна работа во регионот, но и подалеку. Но, тоа не значеше дека тие што останаа беа стимулирани со поголеми плати.
Порталот Пари анализираше дали постои некоја друга земја во регионот каде што платите се намалиле? Потврда не даде ниту еден од податоците на националните статистики. Напротив! Секаде околу нас имало раст на платите во јули во однос на јуни. Исклучок е Хрватска, но и таму немало намалување на платите, туку имало стагнација.
Македонија и понатаму е на дното по однос на платите
Тоа што е уште позагрижувачко е што платите се намалуваат, а веќе се најниски во регионот. Тоа е факт што само уште повеќе може да ја засили миграцијата на работна сила. Според податоците од националните статистики, во јули никој во регионот немал помала просечна плата од нашата.
Што евидентирале агенциите за статистика во регионот?
Секако, сите земји, па и Македонија, имале годишен раст на платите. Но, покрај номиналниот износ на раст на платите, значаен индикатор е колку тие и реално пораснале, кога ќе се пресмета делот што го изела инфлацијата, а и такви податоци нудат статистиките.
Во Македонија јулската просечна нето-плата од 40.961 денар (665 евра) е за 2,3 насто помала од јунската, а ако се пресмета и обезвреднувањето од инфлацијата, статистичарите пресметале дека просечната нето-плата е намалена за 3 насто. Но, во однос на пред една година, таа е зголемена, и тоа за 12,9 насто номинално, односно за 9,6 насто реално (со инфлацијата).
Во Србија нето-платата во јули била 97.835 српски динари (835 евра) и таа забележала номинален раст од 2,1 насто во однос на јуни, а реалниот раст, што значи со вклучена инфлација, бил 1,7 насто.
На годишно ниво во јули во Србија имало номинален раст на платите за 16,8 насто и реален за 12 насто во однос на јули 2023 година.
Целата вест прочитајте ја на: pari.com.mk