Неколку жители на општина Кислела Вода за Фактор велат радијаторите се млаки, па дури и ладни, дополнително, укажуваат дека греењето почнува многу доцна, кога веќе заминуваат на работа, а становите им се ладни додека се подготвуваат за излегување. Проблематично велат е и поради тоа што одредени денови, во вечерните часови, греењето воопшто не се пушта.
- На некој начин се помиривме на почеток на грејна сезона радијаторите да се млаки, како и секоја година кога надвор е потопло. Сепак, годинава делуваат уште поладни од претходните години, па дополнителен проблем е што наутро мора да вклучиме клими бидејќи станот е ладен. Топлината кај нас доаѓа после седум часот, радијаторите почнуваат да се затоплуваат дури после седум часот. Нас парното ни е потребно наутро, кога се подготвуваме, пред да излеземе за на работа или за во училиште, да е топло да се спремиме на раат. Вака мора да затоплуваме, кај даваме многу пари за загревање, плус пари и за струја – вели една скопјанка од Кисела Вода.
Потоа дополни, дека има денови кога не добиваат воопшто топлинска енергија во вечерните часови.
- Одредени вечери, меѓу кои и за празникот, навечер радијаторите воопшто не се затоплија. Колку и да било топло надвор, внатре собите се ладни, не може да не остават без греење, но за жал и тоа го прават – вели нашата соговорничка.
Но, тие не се единствените. Жителка на наслебата Ново Лисиче вели најголем проблем е температурата, но и фактот дека топлинската енергија во станот пристигнува доцна.
- Пред турбуленции со греењето, становите се затоплуваа рано наутро, денес не е така. Сега и тоа малку енергија што го испорачуваат е како да не испорачале. Цените од година во година растат, а греењето се помалку го има. Треба да работат како порано, да се загреваат домовите од пет часот, а после повторно да го изгаснат – вели нашата соговорничка и додава дека не се задоволни од одлуките на надлежните, ниту од мерките кои се преземаат за да се подобрат состојбите. Од ЕСМ Снабдување со топлина, компанија надлежна за загревање на Скопјани велат дека сите активности се строго регулирани согласно законски и подзаконски акти.
Објаснуваат дека при пониски надворешните температури се испорачува поголемо количество енергија, а корисниците имаат загреани домови согласно стандардите, односно температури во домовите не пониски од 20+1 степен Целзиусов.
- Испораката до потрошувачите се врши во периодот од 6 до 22 часот. Според правилата во октомври и првата половина од ноември, кога временските услови се променливи, снабдувањето зависи од температурата на воздухот и атмосферските услови во различни периоди од денот. Доколку надворешните температури се пониски се испорачува поголемо количество топлинска енергија и обратно – посочуваат од ЕСМ.
Со сличен став и од регулаторното тело. Од РКЕ за Фактор укажаа дека согласно Правилата за снабдување со топлинска енергија и Тарифниот систем за продажба на топлинска енергија, снабдувачот е должен во грејните простории во времето од 06:00 до 22:00 часот во текот на денот да обезбеди температура на греење од 20+1 степен Целзиусов.
Доколку граѓаните не се задоволни од услугата, регулаторите велат прво да алармираат за проблемот со кој се соочуваат кај снабдувачот, па доколку не се отстрани проблемот, или не се задоволни од одговорот потрошувачот може да ја пријави состојбата во РКЕ.
Целата вест прочитајте ја на: faktor.mk