Здружението за еднакви можности „Мрежа Стела“ го промовираше документот за политики „Премостување на јазот во економското зајакнување на жените и девојките во Северна Македонија: Достапни можности, мерки, предизвици и препораки“.
-Жените во голема мера се ангажирани во сектори кои имаат пониски плати и помали можности за професионален развој. Постојат големи разлики во платите меѓу мажите и жените, дури и кога се работи за исти позиции и исти квалификации, соопшти Здружението „Мрежа Стела“.
Промовираниот документ е дел од проектот „Застапување за економско омоќување на жените: Еднаков пристап до можностите за финансиско осамостојување“ во рамки на билатералната програма за субгрантирање на женски граѓански организации спроведувана од Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство, со финансиска поддршка од Kvinna till Kvinna Foundation.
Според одговорите на спроведените интервјуа, посочува Здружението, најголемите предизвици се: недостатокот на пристап до менторство и професионални мрежи; ограничени можности за обука и усовршување; недоволна информираност за постоечките мерки и бирократски пречки во процесот на аплицирање; недостаток на приспособена поддршка за специфичните потреби на жените; мерките се ограничувачки (ниво на образование, поседување имот, враќање средства, бришење од евиденција на невработени).
Документот има препораки и заклучоци за тоа што може да се направи веднаш, но и кои се долгорочните стратешки цели. Во итните мерки се наведени: да се стави приоритет на индивидуалните потреби и спецификите на жените и девојките; едноставни и лесно разбирливи мерки, пропратени со едноставен процес на аплицирање и соодветна менторска помош; промоција на флексибилни работни услови; засилени инспекциски надзори и имплементација на законски регулативи; финансиски стимулации за отворање компании што вработуваат жени.
Во долгорочните стратешки цели се посочени: покрај јавни кампањи, неопходен е и системски пристап за надминување на родовите стереотипи, предрасуди и патријархални сфаќања; реформа на образовниот систем во насока на прмовирање програми за развој на претприемачки вештини и охрабрување на девојките да се вклучат и во STEM; воспоставување и постоење подолгорочни менторски програми; инвестирање во инфраструктура за грижа на деца и постари лица.
Извор:nezavisen.mk