Зголемената глобална популарност на TikTok го направи ко-основачот на неговата матична компанија ByteDance најбогатата личност во Кина.
Според листата составена од Институтот за истражување Хурун, Џанг Јиминг сега вреди 49,3 милијарди долари, што е за 43 отсто повеќе од минатата година. 41-годишникот поднесе оставка и се повлече од кормилото на компанијата уште во 2021 година, но се смета дека сè уште поседува околу 20 отсто од компанијата.
TikTok стана една од најпопуларните социјални мрежи во светот и покрај длабоката загриженост во некои земји за врските на апликацијата со кинеската држава. Иако и двете компании инсистираат дека се независни од кинеската влада, САД имаат намера да го забранат TikTok во јануари, освен ако ByteDance не го продаде.
И покрај големиот притисок од САД, глобалниот профит на ByteDance се зголеми за 60 отсто минатата година, зголемувајќи го личното богатство на Џанг Јиминг. „Џанг Јиминг е 18-та личност на врвот на листата на најбогати Кинези во последните 26 години“, рече Руперт Хугеверф, шеф на Hurun.
„САД, за споредба, имаа само четири број еден во тој период: Бил Гејтс, Ворен Бафет, Џеф Безос и Илон Маск. Ова дава показател за динамиката во кинеската економија“, додаде тој. Џанг не е единствениот претставник на огромниот кинески технолошки сектор на листата на најбогати Кинези. Пони Ма, шеф на технолошкиот конгломерат Tencent, е трет на листата.
Патем, само околу 30 отсто од луѓето на листата забележале зголемување на нивната нето вредност. „Кинеската листа на богати се намали трета година по ред без преседан, бидејќи кинеската економија и берзите имаа тешка година“, објасни Хугеверф. Тој истакна дека податоците покажале дека тоа е добра година за производителите на паметни телефони како Xiaomi, додека пазарот на зелена енергија опаѓа.
Извор: kanal5.com.mk