Некои од најчестите прашања за интервјуа бараат да се опишете себеси. Прашањето може да има неколку варијации, од "Кажи ми нешто за себе", или "Како би се опишал/а?" до "Како другите би те опишале?". Иако станува збор за типично прашање неговото одговарање секогаш претставува "лизгав терен". Правилните одговори не само што ќе покажат дека сте компетентни и свесни за вашите вештини, туку и дека сте погодни за тимот. Одговорете на погрешен начин и можете да дадете впечаток на неподготвена и арогантна личност или личност која е недоволно сигурна во себе.
Работодавачите го поставуваат ова прашање од неколку причини. Прво, тие сакаат да видат дали сте добро подготвени за позицијата. Второ, се надеваат дека вашите одговори ќе обезбедат увид во тоа како вие се гледате себеси и притоа ќе им помогне да проценат дали ќе се вклопите во тимот. Очигледно е дека е важно да ги потенцирате вашите силни страни. Покрај тоа што треба да бидете позитивни при одговарањето, исто така треба да останете искрени и директни во врска со тоа зошто вие би биле совршениот избор за позицијата за која сте аплицирале.
За да бидете подготвени да одговорите на ова прашање креирајте листа на придавки и фрази за кои сметате дека најдобро ве опишуваат. Потоа, погледнете го описот на работното место и заокружете ги оние придавки и фрази кои сметате дека најдобро се однесуваат на конкретната позиција. Со усогласувањето на вашите квалификации на работното место ќе можете да покажете дека токму вие ги имате вистинските вештини.
При одговарањето имајте ја во предвид позицијата за која аплицирате, културата на компанијата и работната средина. Најчесто, работодавачите сакаат релативно концизен одговор. Доколку го дадете вашиот одговор и интервјуерот изгледа како да чека повеќе, тогаш вие можете тој одговор да го проширите со тоа што ќе додадете пример/и од некое ваше претходно работно искуство.
Со среќа!