Се вели дека најважно е човек да донесе правилна одлука во два случаи – при избор на партнер и при избор на занимање. Доколку сте млади и сè уште размислувате на кој универзитет да се запишете, би можела да ви помогне листата на најплатени работни места во светот, составена од Универзитетот Нексфорд.
Некои од занимањата се сосема очекувани на ваква листа, а некои веројатно ќе ве изненадат.
1. Анестезиолог - 338.000 долари годишно
Во светот има релативно малку исклучителни стручњаци во областа на анестезиологијата и оваа професија се смета за една од најодговорните кога е медицината во прашање. Затоа, нивната заработка во светот е многу висока. Еден специјалист по анестезиологија во светот во просек заработува околу 338.000 долари, и затоа оваа позиција е убедлив „победник“ во категоријата најплатени професии на речиси сите портали кои се занимаваат со статистиката на заработка.
2. Кардиолог - 324.000 долари годишно
Болестите на кардиоваскуларниот систем одземаат стотици илјади животи секоја година. Во светот има релативно малку исклучителни експерти од оваа област на медицината (имајќи ги предвид реалните потреби), па нивните плати во светот се многу високи. Според статистичките податоци, специјалист по кардиохирургија во светот во просек заработува околу 324.000 долари.
3. Хирург - 297.000 долари годишно
Вршењето хируршки процедури е една од најсложените работи денес. Во нивни раце се животите на луѓето на кои судбината не им се насмевнала, а кои би дале сè на светот за да излезат здрави и живи од операционата сала.
Во Америка, исклучителните специјалисти од областа на хирургијата заработуваат нешто повеќе од 297.000 долари годишно, но за жал, во повеќето земји во светот оваа бројка е драстично помала.
4. Психијатар – 255.000 долари годишно
Грижата за менталното здравје денес е многу изразена, па добрите психијатри се едни од најбараните специјалисти. Тие играат клучна улога во превенцијата, дијагнозата и третманот на менталните болести, како и при советувањето во областа на психијатријата и психотерапијата. Со оглед на тоа колкава одговорност носи оваа професија, таа можеби е дури и недоволно платена - годишно овие експерти заработуваат околу 255.000 долари ширум светот.
5. Архитект за „Интернет на нештата“ - 131.000 долари годишно
Архитект за „Интернет на нештата“(Internet of things - IoT) е всушност професионалец во областа на креирањето на инфраструктурата која лежи во основата на комуникациските системи, за непречената обработка и контрола на податоците во рамките на тие системи.
Оваа позиција бара информатички вештини, а пожелно е и разбирање од компјутерско инженерство или некои поврзани дисциплини. Архитект на „Интернет на нештата“ може да заработи и до 131.000 долари годишно ако е добро позициониран на светскиот пазар и ако има големо работно искуство, покажуваат податоците од Универзитетот Нексфорд.
6. Извршен директор - 197.000 долари годишно
Позицијата извршен директор е сон за повеќето менаџери од средно ниво, но бара не само исклучително знаење, туку и извонредни лидерски вештини и способност за стратешко размислување.
Оние кои ќе успеат да ги надминат сите пречки во текот на кариерата и да се искачат на самиот врв на скалата, за тоа ќе бидат многу убаво „наградени“ - просечната годишна плата во големите компании варира околу 197.000 долари.
7. Виш софтверски инженер - 194.000 долари годишно
Вишиот софтверски инженер е професионалец со долгогодишно искуство во областа на програмирањето и развојот на софтверот. Во тимот тие најчесто се задолжени за проектирање, имплементирање и одржување на комплексни софтверски системи во согласност со специфичните потреби на компанијата, а на годишно ниво ваквите експерти во развиените земји заработуваат околу 194.000 долари.
8. Корпоративен правник - 149.000 долари годишно
Специјалистите од областа на корпоративното право денес се исклучително ценети, а доказ за тоа е просечната плата во светот која е околу 149.000 долари годишно. Овие експерти се специјализирани за давање правни совети за големите корпорации и нивно застапување пред судовите, а покрај познавањето на трговското право, тие мора да поседуваат и висок степен на критичко размислување и аналитички вештини.
9. Нафтен инженер - 130.000 долари годишно
Истражувањето, експлоатацијата и преработката на нафтата и нафтените деривати се многу вообичаени занимања денес, а покрај тоа, тие се доста добро платени.
Специјалистите во оваа област можат да заработат до 130.000 долари годишно, но ќе мора да работат напорно за тоа - таквите позиции често бараат службени патувања до недостапни делови од светот, често одвојување од семејството и работа во предизвикувачки климатски услови, како и знаење од областа на машинството, геологијата, хемијата и физиката.
10. Инвестициски банкар - 144.000 долари годишно
Инвестициското банкарство денес е еден од најпрофитабилните бизниси, а овие експерти играат клучна улога во креирањето на финансиската стратегија на компанијата, припојувањето, трговското посредување со други деловни субјекти и обезбедување консултантски услуги во областа на инвестирањето во акции и хартии од вредност. Годишните инвестициски банкари во светот заработуваат околу 144.000 долари.
Меѓу најплатените професии се и ветеринарите, стоматолозите и медицинските сестри, пренесува nexford.edu.
Извор: kanal5.com.mk