Сликата која преовладуваше пред пандемијата за најголема посета на туристите концентрирана на два региони во Македонија, скопскиот и југозападниот, каде се остваруваат повеќе од 60% од вкупниот број ноќевања и посети, генерално, продолжува и во 2024 година. Тоа се нашите најголеми туристички центри, односно главниот град Скопје кој е посетен цела година како бизнис и туристички центар и Охридското Езеро, со Охрид и Струга каде се нашите најразвиени летни туристички центри.
Турските туристи се најбројни во Македонија, во септември нашата земја ја посетиле скоро 35 илјади Турци. Потоа Србите со над 8 илјади туристи и следни се германските туристи со над 5 илјади на број.
Околу 85% од вкупниот број турски туристи се на кружни балкански патувања од февруари до ноември, а Македонија е вметната поради стимулот на субвенционирањето, модел кој неколку пати досега имаше предлог да се измени и подобри. Холандските туристи се сконцентрирани на Охридско – струшкиот дел во период од 5 месеци. Со пакети од 5 и 7 денови на дестинација, сепак не се најбројни, иако остваруваат голем број ноќевања што овозможува мултипликативен ефект и го зголемува девизниот прилив.