Доколку вашиот план за 2022 година е да најдете нова работа, дадете се од себе потрагата да ја започнете 100 проценти подготвени
Ако првиот чекор од процесот на барање работа е аплицирање на оглас, вториот несомнено е интервјуто за работа.
Преку навидум едноставни прашања, на вистинските регрутери им се потребни само неколку минути за да оформат целосна слика за вас како професионалец.
За да ги зголемите шансите за успешно интервју и да продолжите во понатамошните фази од процесот на селекција, погледнете ги следните трик прашања и добро размислете за нивните одговори пред вашето следно интерјву за работа.
Основни прашања
Кажи ни нешто повеќе за себе?
Најчесто првото прашање кое ќе ви го постават на интервју. За жал, голем број кандидати наседнуваат на ова прашање бидејќи го сметаат за чисто разговорно. За голем број регрутери ова прашање може да биде клуч бидејќи го диктира понатамошниот тек на интервјуто. Ваша цел е да се опишете себеси и своите компетенции, притоа задржувајќи го вниманието на регрутерот.
Зошто сте заинтересирани за работата?
Одговорот на ова прашање го открива мотивот, волјата и желбата на кандидатот да стане дел од компанијата. Доколку сакате да добиете позитивна оценка, фокусирајте се вашиот одговор да содржи два многу важни елементи: како вашите вештини ќе се вклопат на работното место и како на истото работно место ќе продолжите да се развивате.
Зошто сакате да станете дел од компанијата?
Секоја организација посакува кандидати кои се поистоветуваат со нејзината мисија. Еден кандидат може да поседува најразлични вештини, меѓутоа, без вистинска пасија за тоа што го работи ќе биде само еден од многуте одбиени кандидати кои не ја добиле работата.
Кои се вашите силни страни?
Секој од нас поседува силни страни, но кога ќе дојде време да се зборува за истите, голем дел од кандидатите наидуваат на проблем. Ова прашање ви дава шанса да демонстрирате колку добро се познавање себеси. Вашиот одговор треба да ги опфати вашите најсилни страни кои ќе придонесат за успешно извршување на работните задачи кои произлегуваат од работната позиција.
Кои се вашите слабости?
Прашање кое бара деликатен одговор кој нема да се одрази негативно врз квалитетите кои ги поседувате. Одговорете искрено и покажете дека сте спремни да ги надминете слабостите.
Зошто ја напуштивте претходната работа?
Регрутерите сакаат да дознаат повеќе за вашата професионална историја со цел да предвидат кавки ќе бидете во иднина.
Што ве мотивира?
Вредностите – една од најважните работи кои ги поседува еден кандидат. Доколку вашите вредности се поклопуваат со тие на компанијата, големи се шансите да ја добиете работата.
Бихејвиорални прашања
Кажете ни за моментите кога сте се соочиле со конфликт и како го решивте истиот?
Ова прашање има за цел да ги открие вашата асертивност и способност за надминување на конфликтни ситуации. Клучот за вистинскиот одговор е објективно да му пристапите на проблемот, како да е нешто што го гледате, а не учествувате во него.
Дали преферирате индивидуална или тимска работа?
Секоја компанија сака тимски играчи, меѓутоа некогаш е потребно да настапите соло. Најдобро е да одговорите со примери како се снаоѓате во двете ситуации.
Дали сте биле на лидерска позиција и каков беше финалниот резултат?
Лидерството е добредојдено во секоја компанија. Дури и да не постои лидерска димензија на позицијата за која аплицирате, лидерството е една од најдобрите меки вештини за која регрутерите секогаш сакаат да слушнат.
Како излегувавте на крај со најлошиот менаџер што сте го имале до сега?
Регрутерите сакаат да видат каков стил на лидерство не е компатибилно со вашиот карактер и како вие реагирате на тоа. Најдобро е да покажете дека сте успеале нешто да научите дури и од лошиот пример.
Ситуациони прашања
Како се справувате со критика од претпоставен?
Немојте да заборавите дека најголемиот број регрутери се психолози. Тие сакаат да видат дека сте флексибилни и отворени кон критики.
Како би се справиле доколку вие и вашиот колега добиете задача за тесна соработка на одреден проект, без притоа да имате работено заедно?
Прашање кое има за цел да открие каква личност сте во меѓучовечките односи. Истакнете ја вашата комуникативност, асертивност и способност за слушање.
Како би реагирале доколку вашиот колега има лоша навика која го попречува вашето работење?
Интервјуерите сакаат да видат флексибилни кандидати кои знаат да простат, но и да надминат проблем со цел подобрување на целокупниот перформанс на тимот.
Што би направиле доколку сте скоро готови со проект чијшто рок е утре, а денес увидите дека сте направиле грешка на почетокот поради која мора да почнете одново?
Ова прашање има за цел да одговори како се справувате со фрустрација и како ги решавате проблемите во стресни ситуации.
Како би се справиле доколку не сте задоволни од одреден аспект на вашата работа?
Бидете претпазливи со одговорот на ова прашање бидејќи тој ќе ја истакне вашата способност да се застапувате себеси и вашите интерперсонални вештини.
Други клучни прашања
Кои се вашите очекувања во врска со платата?
Преговорите за плата можат да бидат стресни, затоа е потребно добро да се подготвите. Истражувањето е неопходно кога станува збор за компензацискиот пакет кој треба да го побарате од вашиот иден работодавач.
Знаењето е моќ, затоа е препорачливо да ја направите вашата домашна задача и да знаете колку навистина вредите пред да одите на интервју.
Како изгледа вашата работа од соништата?
Со ова прашање, регрутерите ќе се обидат да ве предизвикаат со цел да ја дознаат вашата крајна амбиција и да видат како вие го гледате вашиот пат кон постигнување на одредена цел. Исто така, тие сакаат да дознаат како позицијата за која аплицирате се вклопува во таа слика.
Кажете ни пример за некоја ваша грешка?
Вистински момент за анегдота преку која ќе покажете како сте го извлекле најдоброто од некоја потешкотија.
Како би се опишале себеси?
Отворено прашање кое може да открие многу работи за вашата личност. Истакнете се над другите покажувајќи ја вашата самоспознаеност и не плашете се да се пофалите себеси.
Кое е вашето хоби?
Прашање за да ве опушти кое има за цел да му покаже на работодавачот кои сте вие надвор од работата.
Дали сте подготвени да се преселите?
Добро размислете дали навистина сте подготвени за ова пред да седнете на жешкото столче.
Дали сакате да патувате?
Секој од нас сака да патува, но дали навистина го правиме тоа? Регрутерите сакаат да дознаат дали сте подвижни и флексибилни.
Дали сте лидер или следбеник?
Не плашете се да ги покажете вашите лидерски способности!
Како би одговорил вашиот поранешен претпоставен доколку го прашаме за вашите силни и слаби страни?
Потенцирајте ги успесите на вашето претходно работно место и секогаш бидете јасни и концизни. Не заборавајте дека секој од нас поседува слаби страни, искористете ги истите за да се покажете себеси во најдобро светло.
Вежбајќи го вашиот професионален наратив ќе ви помогне да бидете поподготвени и поопуштени на интервјуто за работа.