Министерот за економија и труд, изјави дека не се планира укинување на концептот „недела неработен ден“, но се разгледуваат можности за ослободување на одредени дејности од ова правило.
Ова прашање предизвикува различни ставови меѓу работниците и работодавачите, а дискусиите се водат во рамките на Економско-социјалниот совет.
„Работодавачите бараат укинување на ‘недела неработен ден’, додека синдикатите инсистираат да остане непроменето. Одредени занаетчиски комори и други организации предлагаат ослободување на специфични дејности од ова правило. Оваа тема е предмет на дискусија во Економско-социјалниот совет, каде што редовно се одржуваат седници за разгледување на ваквите прашања“, додаде тој.
Министерот истакна дека е неопходно да се направат измени кои ќе овозможат одредени сектори да работат во недела, без целосно укинување на „недела неработен ден“.
„Потребно е да остане вака како што е, но со ослободување на одредени дејности за да можат да ги извршуваат своите активности и да обезбедат повеќе производи“, додаде тој.
Граѓаните имаат поделени мислења по ова прашање.
Михаела Стефановска, вработена во трговски сектор, вели: „За нас, неделата како неработен ден е важна за одмор и време со семејството. Сметам дека треба да остане така“.
Од друга страна, Витомир Стојановски, сопственик на мал бизнис, истакнува: „Некои бизниси, особено во угостителството, имаат најмногу работа за време на викендите. Флексибилноста е клучна за нашата егзистенција“.
Во однос на барањето на синдикатите за зголемување на минималната плата на 450 евра, Дурмиши посочи дека постојат различни ставови.
„Синдикатите бараат зголемување на минималната плата, додека работодавачите се против додека не се зголеми продуктивноста. Секоја одлука која ќе ја донесат работодавачите и синдикатите, ние ќе ја поддржиме. Во предлог-буџетот за 2025 година се предвидени средства за зголемување на минималната плата. Според досегашните податоци, минималната плата ќе биде околу 24.400 денари“, изјави министерот.
Овие прашања ќе продолжат да бидат тема на дискусија во наредните месеци, со цел да се најде решение кое ќе ги задоволи интересите на сите засегнати страни.
Извор: denar.mk