Од среда, 1 јануари, редовните студенти во Скопје нема да имаат важечки билети за бесплатно возење со автобусите на ЈСП
За првпат после десет години, овој јануари студентите во Скопје ќе останат без бесплатен јавен превоз со автобусите на Јавното сообраќајно претпријатие Скопје (ЈСП Скопје). Владата до крајот на оваа година нема да донесе одлука за продолжување на мерката, што ќе го стави на пауза остварувањето на ова право кое е значаен дел од студентскиот стандард.
Според информациите што ги доби Мета.мк, Владата ќе донесе одлука за продолжување на бесплатниот јавен превоз за студентите во текот на јануари, што значи дека бесплатниот превоз најверојатно ќе продолжи во февруари, а во меѓувреме, студентите ќе останат без оваа придобивка.
Прекинот од еден месец може да значи дополнителен финансиски товар за многу студенти кои ќе патуваат до факултет за време на испитната сесија што речиси секаде трае до крајот на јануари.
Како што Мета.мк претходно месецов објави, обидите на студентите да ги продолжат годишните билети за следната календарска година завршуваат безуспешно – во центрите за персонализација на ЈСП добиваат одговор дека се чека „амин“ од надлежните. Студентите секоја година досега важноста на билетите можеа да ја продолжат во декември.
Целиот текст прочитајте го на: meta.mk