Од ИЈЗ велат дека повредите поврзани со употребата на пиротехнички материјали се тешки, претворајќи ги многу прослави и весели моменти во несреќи
Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) упатува препораки за здрава празнична исхрана и за избегнување на непосакуваните состојби предизвикани од консумирањето алкохол.
Во препораките од ИЈЗ се посочува и на опасностите од употребата на пиротехнички материјали и за сериозните негативни последици до кои може да дојде.
Од ИЈЗ велат дека не треба да се јаде се што е на трпезата и оти треба да се јаде полека.
„Не постои безбедно ниво на консумирање алкохол. Консумацијата на алкохол може да предизвика непосакувани состојби, а алкохолот е и многу калоричен. За лицата на возраст од 15 до 39 години нема здравствени придобивки од пиењето алкохол, туку само здравствени ризици“, се вели во препораките од ИЈЗ.
Од ИЈЗ велат дека повредите поврзани со употребата на пиротехнички материјали се тешки, претворајќи ги многу прослави и весели моменти во несреќи.
„Најзасегнати се децата, старите лица и лицата со респираторни или срцеви заболувања. Краткорочното изложување на нус-продукти од употреба на пиротехника може да влоши некоја постоечка белодробна болест или да предизвика астматичен напад. Кај луѓето со срцеви заболувања, краткотрајната изложеност на чад од употребата на пиротехнички средства може да се поврзе со срцев удар и аритмии“, велат од ИЈЗ.
Исто така, додаваат оттаму, чадот од употребата на пиротехничките материјали придонесува за загадувањето на воздухот, а потсетуваат и на тоа дека од пукањето на петардите и огнометите страдаат и животните.
Извор: 360stepeni.mk