Во земјите кои се омилени ски дестинации на Балканот, казните за пречекорување на дозволената брзина на возење зависат од степенот на пребрзо возење и подрачјето во кое е направен прекршокот.
Австрија значително ги зголеми казните за брзо возење од септември 2021 година. Во населените места казната за брзо возење од 30 км/ч и повеќе се движи од 150 до 5.000 евра, наместо досегашните 70 до 2.180 евра, пишува Вечерњи лист.
Надминувањето на брзината за повеќе од 40 км/ч следува со парична казна од 300 до 5000 евра, а возачот може да добие и забрана за возење од еден месец или три месеци доколку не е првпат фатен за пребрзо возење во Австрија.
За надминување на брзината за повеќе од 80 km/h, возачот се соочува со забрана за управување со возилото најмалку шест месеци. Казните за пречекорување на брзината над 50 км/ч надвор од населено место се движат од 300 до 5.000 евра, а можна е и забрана за возење од еден до три месеци.
Исто така, на возачите кои ќе направат најтешки прекршоци може да им се одземат автомобилите и возачките дозволи најмалку шест месеци.
Во Италија новите правила се во сила од декември минатата година. Според нив, за брзина поголема од 10 км/ч и помала од 40 км/ч казната е од 173 до 694 евра. Доколку прекршокот се повтори во градско подрачје најмалку два пати во текот на годината, глобата се зголемува на 220 до 880 евра, со можно суспендирање на возачката дозвола од петнаесет до триесет дена.
Доколку возачот ја надмине дозволената брзина за повеќе од 40 km/h, се соочува со многу повисоки казни и подолг период без возачка дозвола, но точните износи зависат од околностите во кои е направен прекршокот.