Познатиот светски гастрономски водич Taste Atlas ја објави својата годишна листа на најдобрите кујни во светот. Сите кујни се рангирани врз основа на гласовите на публиката, а беа оценувани според состојките, специјалитетите и пијалаците кои се неизоставен дел од гастрономијата. Покрај тоа, водичот ги издвојува и градовите каде се јаде најдобрата храна, а минатата година беше во знакот на пицата.
Голем дел од светските патници одат на патувања за да истражат локални обичаи, култура, но и храна. Ако вашето патување е инспирирано од појадок, ручек или вечера, со многу застанувања за ужини меѓу оброците, Taste Atlas има листа со градови кои мора да ги посетите.
Оваа година Taste Atlas објави, покрај најдобрите кујни и храна, листа со 100 градови со најдобра храна во светот. На листата, очекувано, меѓу првите десет се најдоа дури шест италијански градови, италијанскиот регион Кампанија беше прогласен за регион со најдобра храна, а градот со најдобра храна во светот е Неапол.
Неапол доби оценка речиси највисока можна, дури 4.93 од можни 5. Од специјалитети, Неапол е познат по автентичната пица „Наполитана“, „Маргарита“ и „Маринара“, кои можете да ги пробате во познатите пицерии како „L’Antica Pizzeria da Michele“ или „Sorbillo“.
Уличната храна како пржените топчиња од тестенини, “Frittatine di Pasta”, и свежата “Mozzarella di Bufala” се незаменливи деликатеси. За љубителите на слатки, тука се „Sfogliatella“, крцкава торта полнета со крем од рикота и лимон, и „Baba al Rum“, десерт натопен во рум. Покрај тоа, тука е и традиционалната супа од школки, „Zuppa di Cozze“, која ја одразува морската традиција на Неапол.
Целата листа можете да ја најдете на официјалната интернет страница, а најдобрите десет градови за храна се:
- Неапол
- Милано
- Болоња
- Фиренца
- Мумбај
- Рим
- Париз
- Виена
- Торино
- Осака