Помина еден месец од новата година, годишните одмори се ближат, а сè уште никој со сигурност не знае да каже кога точно ќе почне да се применува новиот начин на влез во земјите не Европската Унија преку системот на регистрација на влез и излез – ЕЕС.
Граѓаните стравуваат дека таа новина може да ги фати кога ќе тргнат на одмор, а туристичките работници се едногласни дека овој систем чија цел е да го забрза протокот низ ЕУ на граѓаните од земји кои не се нејзини членки, на почетокот ќе создаде метежи и подолго чекање на граничните премини.
Српските туристички работници очекуваат дека по одложувањето во ноември лани, ЕЕС ќе почне да се применува многу скоро и тоа прво во Холандија и Луксембург, додека останатите 25 членки на ЕУ би го вовеле до март. Новите членки на Шенген, Романија и Бугарија наведуваат дека засега не го планираат.
-Сите членки на ЕУ и Шенген зоната ќе мора да почнат да го спроведуваат овој систем, но тоа е многу сложен систем што ЕУ се обидува да го воведе со години, уште од 2017 година. Мислам дека граѓаните не се доволно информирани за тоа бидејќи системот е одложен неколку пати. Колку што можам да видам, најголем проблем е со туристичките агенции бидејќи целиот овој систем ќе им ја искомпликува организацијата на турите, вели за српскиот портал „92 Путовања“, Софија Поповиќ од порталот„ ЕВБ“
ЕЕС, според Александар Сеничиќ, директор на српската асоцијација на туристички агенции – ЈУТЕ на почетокот несомнено ќе создаде метеж на границите.
-Секако дека ќе има нервоза, сигурно ќе има недоразбирања, но очекувам за краток период, 3 до 5 месеци, кога повеќето луѓе веќе ќе се пријават и ќе сфатат дека процедурата трае неколку минути, веќе да не да размислуваме за тоа, вели тој.
Од мај, пак, треба да стартува ЕТИАС системот преку кој ќе се аплицира за дозвола за престој во земја на ЕУ, за што ќе се плаќаат седум евра. Ова не значи враќање на визите за граѓаните чии земји не се членки на Шенген зоната. Но, ако ЕТИАС навистина стартува од мај, како што е најавено, оние кои планираат патување треба да знаат дека преку тој систем ќе треба да се регистрираат, односно да поднесат барање за патување најдоцна 96 часа или четири дена пред да тргнат. Пријавувањето ќе се врши преку онлајн портал, регистрацијата се врши еднаш и важи три години, а таксата е седум евра. Туристичките работници советуваат оние кои имаат во план патување во ЕУ да се регистрираат и да си ја платат таксата што поскоро по појавувањето на апликацијата. Но, бидејќи пријавувањето и плаќањето се врши исклучиво онлајн, се поставува прашањето што ќе се случи со граѓаните кои не се доволно умешни за користење на современи технологии, или немаат картичка за електронски плаќања.
-Она што ЕУ го предвиде е дека лицата под 18 години и постарите можат да овластат трето лице да ги пополни тие податоци на порталот во нивно име. Оние под 18 години и постари од 70 години нема да ја платат потребната такса, вели Поповиќ и додава дека во нивно име плаќањето може да го изврши член на семејството, но и туристичка агенција или осигурителна компанија.
Имплементацијата и на тој систем може да создаде метеж на границите во првиот бран, но на долг рок, велат од ЕУ, всушност треба да ги забрза преминувањата на границите.