Според пишувањето на Блумберг Адриа, податоците покажуваат дека меѓу странските работници, тие од Турција се најмногубројни во земјава. Од вкупно издадените дозволи за работа за странци кај нас, речиси половина од одобрените се за работници што доаѓаат од Турција. Но, зошто?
„Главно, работниците од Република Турција се ангажирани од страна на инвеститорите од Република Турција од причина што во Република Северна Македонија не можат да најдат соодветна квалификувана работна сила, го познаваат нивниот менталитет за работа и нивната стручност за работа, ангажираат искусни работници со кои претходно соработувале и во нивните субјекти во Турција“, вели Адемоски.
Според податоците што ги добивме од Агенцијата за вработување на Македонија (АВ), бројот на работници од Турција од година на година расте, дури и независно од низата кризи со кои се соочивме, почнувајќи од пандемијата на ковид, енергетската, а потоа и инфлаторната криза.
Анализирајќи го периодот од 2017 до 2024 година, се заклучува дека бројот на работници од Турција е речиси тројно поголем. Во 2017 година АВ издала 1.061 дозвола за работа за граѓани што потекнуваат оттаму, за во 2023 година да се достигне максимумот од 3.100 дозволи за работа. Лани таа бројка е малку намалена и изнесува 2.735.
Податоците од АВ го докажуваат токму тоа што го спомна претседателот на МАТТО, дека во последните години зачестуваат инвестициите во енергетиката. Имено, првиот работник од Турција во секторот снабдување со електрична енергија и гас во земјава се појавува во 2019 година, а лани бројката на овие стручни работници изнесува 80.
Кога станува збор за секторите во кои работат овие странски работници, во 2017 и 2018 година најмногубројни биле тие што работеле со трговија на големо и мало, додека од 2019 година приматот го зел градежниот сектор. Ако во 2017 година во земјава имало 189 градежници од Турција, лани нивната бројка изнесувала 1.263. Иако градежните работници во претходните години биле и уште повеќебројни (1.536 во 2022 година и 1.735 во 2023 година), сепак нивната бројка е многу поголема од другите сектори. Најблиску до нив се вработените Турци во секторот трговија на големо и мало, за кои лани се издадени 322 дозволи за работа.
Сето гореспоменато го потврдуваат и од агенциите за недвижнини. Агентите со кои разговаравме велат дека се зголемува интересот за изнајмување станови од страна на граѓани од Турција, а растот особено е видлив во последните две-три години.
Целиот текст прочитајте го на линкот: mk.bloombergadria.com