
Граѓаните на Македонија кои редовно пазарат од ИКЕА во Солун велат дека ова е неочекувана одлука и им ги отежнува плановите при викенд патувањата.
Веб-страницата IKEA.gr повеќе не е достапна за македонските граѓани, ниту пак за кој било друг надвор од Грција. Како што велат за Мета од компанијата, тоа е од безбедносни причини.
„Би сакале да ве информираме дека, од безбедносни причини, пристапот до нашата веб-страница (IKEA.gr) е достапен само од конекции во рамките на Грција. Оваа политика е воведена со цел да се обезбеди безбедно следење на сајтот. Сепак, можете да ја посетите веб-страницата на IKEA за вашата земја, или да контактирате со локалниот тим за корисничка поддршка за дополнителни информации и помош.“, изјавија од ИКЕА за Мета.
Граѓаните на Македонија кои редовно пазарат од ИКЕА во Солун велат дека ова е неочекувана одлука и им ги отежнува плановите при викенд патувањата. Многу граѓани пред да одат во Грција да пазарат во ИКЕА го отвараа сајтот да си направат планови и листа на пазарење.
„Кога одиме во Солун, покрај трговскиот центар Космос, редовно ја посетувавме и продавницата на ИКЕА. Но, претходно проверував онлајн што имаат на продажба и на лагер. Сега тоа не можам да го правам”, вели Никола од Скопје.
Покрај грчката, недостапна е и бугарската веб-страница на ИКЕА (IKEA.bg) за оние што не се физички во Бугарија. Па така, во моментов македонските граѓани, од сите околни држави каде што има продавници на ИКЕА, можат да пристапат само до веб сајтот на ИКЕА во Србија (IKEA.rs). Тоа е освен ако не користат Виртуелна приватна мрежа (VPN). Со помош на тие алатки, можете да пристапите до нивните сајтови.
Инаку, јавна тајна е дека на социјалните мрежи функционираат групи кои нудат услуга да ви купат нешто од ИКЕА за мал надомест. Овие групи постојат и работат веќе со години.