
Граѓаните им должат на банките четири милијарди евра, од кои половината се за подигнатите потрошувачките кредити. Потребата од пари најчесто се премостува со овој вид позајмици, но во јануари е забележана намалена побарувачка. Во преден план било суштинското – станбеното прашање, па зголемување има кај станбените кредити. А, и натаму опаѓа интересот за опцијата задолжување преку кредитни картички.
Во текот на првиот месец од годинава, врз основа на поднесените барања се одобрени за 0,5 проценти повеќе станбените кредити во однос на декември. Споредено, пак со состојбата од пред една година, има промена за 12,7 проценти. При што е достигнат вкупен износ од 94.853 милиони денари или 1,5 милијарди евра.
Сепак, без оглед на месечното осипување од 0,3 отсто, потрошувачките кредити се уште се без конкуренција, покажуваат и последните податоци на Народната банка. По таа линија задолженоста на населението е во износ од 128.466 милиони денари, односно над две милијарди евра. А, годишното зголемување е за е 8,4 проценти.
И за купување возило со кредитна банкарска поддршка имало зголемен интерес. Согледан со поместувањето за 0,7 проценти во јануари и за 5,1 процент на годишна основа. Оттаму и одобрените автомобилски кредити од 420 милиони денари, што е противвредност на 6,8 милиони евра.
Задолженоста преку употребата на кредитни картички е сведена на 8.833 милиони денари или 143,6 милиони евра евра. И во јануари продолжува трендот на намалување – за 1,1 отсто, а на годишно ниво е дојдено до пад од девет проценти.
За една година, за 4,6 отсто се намалени и негативните салда на тековните сметки од граѓаните. Сепак, во јануари има раст од 11,4 проценти, што е разбирливо по сите трошења поврзани со претходните празници. Заедничкиот минус на сите корисници е 6.390 милиони денари, односно 104 милиони евра.
Граѓаните барале пари од банките и по други основи, па тука сумата е 1.549 милиони денари или над 25 милиони евра. Но, за 1,2, односно 10,2 отсто помалку на месечна и на годишна основа.
Заложбите на населението да дојдат до неопходните средства, го зголемил кредитирањето за 0,2 насто на месечно и за 8,8 насто на годишно ниво. И тоа, како што се посочува од Народната банка, „во поголем дел поради зголеменото кредитирање во денари, при раст и на кредитите во странска валута“.