
Пациентите кои ќе одат на преглед или по упат кај матичен лекар, првин ќе треба да го верификуваат својот телефонски број во системот Мој Термин.
– Во насока на подобрување на достапноста на здравствените услуги за пациентите, во системот Мој Термин е воведена опцијата за верификација на телефонскиот број. Оваа мерка има за цел да обезбеди пациентите навремено да добиваат известувања за закажани термини и други здравствени услуги, со што се намалуваат пропуштените прегледи и се оптимизира функционирањето на здравствениот систем, информираат од Министерството за здравство.
Во моментов, како што додаваат од МЗ, процесот сè уште не е задолжителен, но во наредниот период ќе стане обврска при посета кај матичниот лекар.
Сепак, системот предвидува исклучоци во одредени случаи:
– Итни медицински случаи – внесување во системот без верификација.
– Деца и изнемоштени лица – можат да бидат верификувани преку друго лице (еден телефонски број за повеќе пациенти).
– Корисници на мобилната апликација Мое Здравје – можат самостојно да ја завршат верификацијата, без вклучување на матичниот лекар.
Верификацијата се прави еднократно, што значи дека пациентите треба да го потврдат својот телефонски број само при првиот преглед.
– Оваа промена се базира на анализи кои покажаа дека значителен број пациенти не се појавуваат на закажаните термини поради неажурирани телефонски броеви. На пример, повеќе од 50% од пациентките со закажани прегледи за дојка не се појавиле, со што биле изгубени термини кои можеле да бидат искористени за други пациенти, велат од ресорното министерство.