
Советот на Европската унија во средата усогласи заеднички став за регулативата која овозможува на земјите членки во период од шест месеци постепено да го воведат Системот за влез и излез (EES), нов дигитален систем за управување со границите.
Иако со оваа регулатива не е одреден точен датум за почеток на системот, според мапата на агенцијата eu-LISA, неговата постепена имплементација може да започне во октомври оваа година. EES системот е ИТ-платформа која дигитално ќе ги бележи влезовите и излезите, податоците од пасошите, отпечатоците од прсти и фотографиите на државјаните на земји кои не се членки на ЕУ, а патуваат на краткорочен престој во некоја од 29 европски земји.
Што носи EES системот?
Овој систем, кој ќе го замени рачното печатирање на пасошите, ќе се однесува и на граѓаните на Македонија при преминување на границите на ЕУ. Регулативата не одредува точен датум за почеток на постепеното воведување на EES, бидејќи тоа зависи од одлука на Европската комисија кога законот ќе стапи на сила.
Министрите за внатрешни работи, исто така, одобрија ревидирана мапа за воведување на меѓусебно поврзан систем на ИТ-алатки за управување со границите и спроведување на законите.
Според усвоената мапа на eu-LISA, која е задолжена за изградба на ИТ-инфраструктурата, постепената примена на EES ќе започне во октомври 2025 година, додека Европскиот систем за информации и авторизација на патувања (ETIAS) ќе биде воведен во последниот квартал на 2026 година.
Системот ETIAS, кој ќе важи и за граѓаните на Македонија, ќе бара патниците да добијат патна дозвола за ЕУ, која ќе чини седум евра.
Според соопштението на Советот на ЕУ, во рамки на фазното воведување, земјите членки постепено ќе го применуваат EES и ќе работат на тоа во првиот месец од неговата примена да регистрираат најмалку 10% од граничните премини. Во првите 60 дена, земјите членки ќе можат да го користат EES без биометриски функции, а по три месеци ќе треба да ги активираат биометриските функции на најмалку половина од своите гранични премини.
„Земјите на ЕУ треба да постигнат целосна регистрација на сите патници до крајот на преодниот период. Дотогаш, државите членки ќе продолжат со рачно печатирање на пасошите“, се вели во соопштението на Советот на ЕУ.
Дополнително, регулативата овозможува земјите членки на ЕУ да го применат системот постепено или, доколку сакаат, да го имплементираат во целост од првиот ден кога законот ќе стапи на сила.
Кој ќе го применува овој систем?
Советот на ЕУ тврди дека EES системот значително ќе ја намали можноста за измами и злоупотреби на идентитетите, зајакнувајќи ја безбедноста во Шенген-зоната.
Иако Европската комисија не објави точен датум за почеток, полскиот министер за внатрешни работи Тома Шјемонјак изјави дека целта е имплементацијата на системот да започне во октомври.
„Многу сум задоволен што за време на полското претседателство со Советот на ЕУ, кое е фокусирано на безбедноста, беше постигнат значаен напредок во контролата и заштитата на нашите надворешни граници. Решението е флексибилно, но истовремено гарантира безбедност на миграционите текови“, изјави Шјемонјак.
EES системот ќе го применуваат Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Латвија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија.
На Кипар и во Ирска, пасошите и понатаму ќе се печатираат рачно.
Овластување за патување преку системот ETIAS ќе бараат сите земји кои ќе го применуваат EES, но и Кипар.
На состанокот на Советот на ЕУ за внатрешни работи се разговараше и за Шенген-зоната, посебно за подобрување на ефикасноста на системот за враќање на мигранти, како и за внатрешната безбедност на ЕУ.