
Во конкуренција за најпосакувана европска дестинација, Хрватска освои најмногу гласови од патниците, оставајќи ја зад себе Шпанија на второто место, Австрија на трето, Италија на четврто и Грција на петтото место.
„Оваа победа дополнително ја зацврстува Хрватска како дестинација што мора да се посети. Таа е позната по своето крајбрежје, историските градови, богатата култура, медитеранската кујна, убавите вина, тартуфите и авантуристичкиот туризам“, објави Њујорк пост.
На саемот ИТБ во Берлин, Хрватска се промовираше преку културата, гастрономијата и одржливиот туризам, а посетителите можеа да уживаат во дегустации на вино и сирење, презентации и разни атракции.
Германските туристи ја сакаат Хрватска
Хрватска е меѓу десетте најпосакувани дестинации за германските туристи, а во Баварија е меѓу првите три. Се очекува добра туристичка претсезона, но потребна е претпазливост поради ценовната чувствителност на германските патници.
На најголемиот светски саем за туризам ИТБ во Берлин беше нагласено дека Хрватска нуди одлична вредност за парите, што е клучно за привлекување гости во неизвесни економски времиња.
Брајан Кели, основач на популарната веб-страница за патувања The Points Guy, неодамна за The New York Post изјави дека Хрватска ќе биде дестинација на годината.
„Хрватска има прекрасни плажи, острови познати по лудите забави, а сето тоа го нуди по многу пониска цена во споредба со другите европски дестинации. Дефинитивно е најбараното место“, вели Кели.
Извор: vecer.mk