
Социјалните мрежи сè почесто стануваат арена за измамници кои ловат граѓани преку различни шеми.
Најновата измама што зема замав се однесува на фиктивни понуди за изнајмување на луксузни апартмани во Грција по екстремно ниски цени.
Голем број граѓани веќе пријавиле дека станале жртви на оваа измама, оставајќи ги без парите и без резервирано сместување за летниот одмор.
Како функционира измамата?
Измамниците создаваат професионални страници на социјалните мрежи, најчесто на Фејсбук и на Инстаграм, каде што објавуваат атрактивни фотографии од луксузни апартмани во Грција.
Цените што ги нудат се значително пониски од оние што би ги понудиле легитимните туристички агенции или хотели.
За да звучат уверливо, тие често користат лажни препораки и рецензии од „задоволни клиенти“.
Клучниот момент на измамата е барањето за авансна уплата. Потенцијалните жртви добиваат порака дека побарувачката е огромна и дека мораат што побрзо да уплатат депозит, кој се движи од 100 до 500 евра. Веднаш по уплатата, страницата се гаси, профилите исчезнуваат, а парите се неповратно загубени.
Граѓаните во паника, експертите со совети
„Минатата година резервирав сместување за август за мене и семејството преку Фејсбук страница што изгледаше многу професионално. Разговарав со наводниот сопственик, кој беше љубезен и ми испрати фотографии и договор за сместување. Уплатив 300 евра како депозит, но по неколку дена профилот исчезна, а телефонот беше исклучен. Дојдовме до заклучок дека станува збор за измама“, раскажува Маја Крстевска, една од жртвите на оваа измама.
Туристичките работници со коишто разговаравме на оваа тема велат дека овој тренд е особено опасен затоа што таргетира луѓе кои сакаат да заштедат, но не се доволно информирани за можните ризици.
„Граѓаните мора да бидат крајно внимателни кога резервираат сместување преку социјалните мрежи. Доколку нема официјална веб-страница, легален контакт и физичка адреса, тогаш голема е веројатноста да станува збор за измама. Најсигурно е да се резервира преку познати туристички платформи или преку лиценцирани агенции“, објаснуваат експертите.
Како да се заштитите од вакви измами?
За да не станете жртва на ваквите измамници, експертите препорачуваат неколку мерки на претпазливост:
- Истражете ја страницата – проверете дали има официјален веб-сајт, вистински контакт информации и рецензии од независни извори.
- Бидете сомничави кон премногу евтини понуди – ако цената е значително пониска од пазарната, најверојатно нешто не е во ред.
- Проверете дали има гаранции за резервацијата – доколку не постои легален договор или можност за враќање на средствата, најдобро е да не се ризикува.
Платете преку сигурни методи – кредитните картички и реномираните платформи за плаќање нудат одредена заштита во случај на измама.
Контактирајте ја туристичката агенција или сопственикот – ако можете, побарајте видеоповик или дополнителни докази дека сместувањето навистина постои.