
И на сезонските работници ќе им тече стаж. Аргатите на нива, келнерите, негувателите на деца и стари лица кои работат привремено ќе имаат платени придонеси. Ова го предвидува новиот закон кој влезе во собраниска процедура.
Ќе можат да работат сите, невработените, вработените, студентите, пензионерите. Притоа, невработените и натаму ќе водат како невработени, студентите ќе можат да си ги користат стипендиите, а пензионерите ќе имаат редовна исплата на пензиите.
Ангажираните ќе бидат платени за одработен час, а износот не смее да биде помал од часот кој се пресметува врз основа на минималната плата.
Работодавачите, освен придонеси за пензиско и инвалидско, ќе плаќаат и данок на личен доход, како и трошоци во случај на повреда. Ќе можат да ангажираат сезонски работници најмногу до 120 дена во текот на една календарска година.
Контрола на наплатата на данокот и придонесите ќе врши УЈП, а инспекција ќе прави Трудовиот инспекторат.
Казните за непочитување на законот се и до 3 илјади евра.
Извор: sitel.com.mk