
Островот Хормуз, сместен во Персискиот залив, се простира на околу 42 квадратни километри и често го нарекуваат Остров на виножитото поради неговото шаренолико тло – од интензивно жолти и зелени нијанси до неверојатно силна црвена боја.
Најголема атракција за туристите е токму црвената плажа, која ја добила својата уникатна боја поради високата концентрација на железен оксид во почвата.
Но, вистинската магија настанува кога ќе заврне дожд. Водата која се слева од блиската планина го бои заливот околу плажата во интензивно црвена нијанса, создавајќи спектакуларен призор што изгледа како морето да е обоено во крв.
Оваа природна појава, благодарение на социјалните мрежи, брзо стана светска атракција, привлекувајќи илјадници љубопитни патници и љубители на несекојдневни пејзажи.
Во минатото, црвената земја на Хормуз се користела за различни намени – од козметичката индустрија и боење стакло и керамика, па сè до исхраната. Локалното население ја нарекува гелак и ја употребува како зачин во својата кујна. Таа е неизоставен дел од традиционалното јадење сора соора, во кое свежо уловената риба се маринира со кора од портокал. Гелак се додава и во разни солени и благи јадења – од домашни џемови до тенки традиционални погачи наречени томши.
Хормуз не е само природно чудо, туку и место каде што културата и гастрономијата се испреплетуваат во најнеочекувани бои!