За народите од Западен Балкан покрај Германија, Австрија и Швајцарија, меѓу фаворитите е и Данска.
По површина е помала и од Босна и Херцеговина, а има околу 5,5 милиони жители. Позната е по одличната социјална политика и многу високите плати.
Како што пишува хрватскиот портал „Пословни дневник“, Данска е една од најсредените и најстабилните држави на светот и тоа се гледа на секој чекор. Токму овие денови објавено е дека ова е земјата со најмалку корупција во светот. Скапо е, но и платите се големи. Просечната бруто плата е 5.124 евра. Големи се даноците, но затоа и повластиците се такви што никој не се грижи.
Како што пишува овој хрватски портал, Данска за подигнување на наталитетот исплаќа “економска помош“ за деца до 18 години- од 2.500 евра годишно за деца до две години. До 1.500 евра годишно за оние од 15 до 18 години. Градинките им се наоѓаат во природа, а образованието е целосно бесплатно – од првото одделение до крајот на факултетот.
Како што пренесуваат хрватските медиуми, Данска е добра дестинација и за некој кој сака и да заработи и да научи како се почитуваат законите. Бидејќи строгото почитување на законите овде е животен принцип. И тоа се чувствува на секој чекор.
Многумина не се загрижени ако ги изгубат своите работни места или се разболат, бидејќи државата ги поддржува.
Џефри Сакс, од Универзитетот Колумбија, еден од истражувачите позади извештајот, вели дека среќата и благосостојбата треба да бидат на агендата на секој народ.
Каре Кристенсен, универзитетска професорка по демографија вели дека не треба многу за Данците да бидат среќни. „Тие се среќни со она што го добиваат. Немаат големи очекувања за тоа што работат или што ќе им се случи“, вели таа.
Кристијан Бјоернсков, професор по економија на Универзитетот во Архус, втор по големина град во Данска, смета дека чувството на самодоверба и самоопределување доста влијае врз среќата на Данците.
„Данците се чувствуваат сигурни еден во друг… кога се држиме заедно, можеме да успееме. Исто така тие имаат силно верување дека можат да одлучат за сопствените животи“, вели тој.
После Данска, следната најсреќна нација е Швајцарија, после неа следуваат Исланд и Норвешка, проследени со Финска, Канада, Холандија, Нов Зеланд, Австралија и Шведска.