Жителите кои одлучија оваа година да го празнуваат Денот на трудот 1 Мај и да го поминат на езерото Треска за паркинг требало да платат по 100 денари, објави faktor.mk.
Сумата била голема за возачите па автомобилите ги паркирале на алтернативни места.
Сопствениците на камп приколките велат дека другите денови паркингот е бесплатен, а директорот одговорен за одржување на езерото Треска, Аки Саити, за ТВ21 рече дека на секој сопственик на камп приколка му е дозволено место за еден автомобил, но, според него, сопствениците се обидувале да внесат повеќе автомобили и поради тоа им било побарано да платат паркинг.
Инаку оваа година имаше голем интерес празникот да се помине покрај езерото Треска, кое е испразнето, но тревникот, патеката и дрвјата му даваат примамлив амбиент на одморалиштето.