Македонската Асоцијација за човечки ресурси е стручно, невладино и непрофитно здружение на граѓани, формирано за вршење дејности поврзани со развојот на работната сила, промоција на управувањето со човечките ресурси и унапредување на професиите во областа. Нивната мисија е да се развие свеста на општеството и на организациите за важноста на професијата менаџмент со човечките ресурси, а визијата е да ги поддржува високите идеали и да се бори за сестрано ценење на професијата.
„Се стремиме да бидеме гласот во развојот и промовирањето на практиките во професијата на управување со човечки ресурси. Ги охрабруваме нашите колеги, професионални членови и идни експерти од оваа област, да бидат столбот во поставување на основните, меѓународни стандарди кои ќе ја издигнат професијата и нејзината важност. Правилното управување со човечките ресурси е она што ја движи компанијата во нагорна линија” – изјавуваат од одборот на Асоцијацијата.
Членството е се уште индивидуално, а Асоцијацијата е отворена за секој поединец чија сегашна или идна професија е работа и менаџмент со човечки ресурси. Од нејзиното основање во 2009-та година, од страна на 55 индивидуални членови, секоја година бројот на членови се зголемува и денес има околу 120 активни членови и над 700 лица, претставници на околу 60 компании, кои биле и се дел од пасивното членство на МАЧР. Дел од нејзините работни обврски се организирање на специјални настани, саеми, учество на предавања, конференции и работилници, обуки и семинари или други настани кои се од интерес на членовите. До сега се организирани девет конференции со учество на над 1500 учесници и присуство на над 70 предавачи од целиот светот. Покрај тоа, МАЧР организираше преку 30 обуки и панел дискусии на теми од областа, како и преку 50 HR кафе настани – полуформални дружења на членовите и соработниците, со севкупно присуство на над 2500 учесници и 30 гости предавачи од земјата и странство.
На 31-ви мај 2018-та година во хотелот Александар Палас во Скопје ќе се одржи десеттата интернационална конференција за човечки ресурси која ќе го носи називот: From HR to RH – Respect of Humanity (Од менаџмент на човечките ресурси – до почит кон луѓето) и има за цел да ги презентира најновите практики во професијата, како и одредената проблематика. На конференцијата ќе говорат еминентни имиња од областа од Италија, Австрија, Словенија, Португалија и Грција.
За повеќе информации, посетете ја веб страницата конференцијата.