Доколку сакате да ги задржите вашите вработени внимавајте како се однесувате со нив. Истражувањата од Универзитетот во Калифорнија откриле дека мотивираните вработени биле за 31% попродуктивни и три пати покреативни. Тие, исто така, имале помали шанси да дадат отказ, односно бројката изнесувала неверојатни 87% според студијата на Советот за корпоративно лидерство која опфатила повеќе од 50 000 луѓе.
Постојат одредени работи што секого би го натерале да почне да прелистува огласи за работа и при првата можност да даде отказ од моменталното работно место. За да не дојде до ова работодавачите не треба да го прават следново:
Премногу обврски
Ништо не брка добар вработен како преголем број на обврски. Ова се однесува доколку вработениот добро си ги извршува обврските, но наместо да добие пофални зборови, бонус или покачување тој добива зголемување на работните задачи. Ова прави вработениот да се чувствува како да е „казнет“ за одличните перформанси. Преоптовареноста има спротивен ефект, односно прави вработениот да е контрапродуктивен. Доколку шефот само го зголемува обемот на обврските, без притоа да ја промени позицијата на неговиот вработен тој ќе направи истиот да побара друга работа која ќе му го даде тоа што го заслужува.
Негрижа за вработените
Повеќе од половина од луѓето кои ги напуштаат своите работни места го прават тоа доколку имаат комплициран однос со нивниот шеф. Паметните компании се трудат нивните менаџери да знаат да балансираат помеѓу професионалноста и човечноста. Станува збор за шефови кои го слават успехот на вработениот, сочувствуваат со оние кои минуваат низ тешки времиња и ги предизвикуваат луѓето во својот тим.
Шефовите кои не се грижат за своите вработени спаѓаат во топ 3 причини за напуштање на работното место. Истражувањата покажуваат дека е невозможно да се работи за некој кога истиот тој не е лично вклучен во нивната работа и не се грижи за ништо друго освен за крајниот резултат.
Вработување и унапредување погрешни луѓе
Вредните работници сакаат да работат со истомисленици. Кога шефовите не се фокусираат на тоа да ангажираат добри луѓе, останатите вработени се демотивирани. Унапредувањето на погрешни луѓе е уште полоша ситуација. Со ова како да им се порачува на другите дека се што направиле или прават е залудно или барем ќе направи да се чувствуваат така. Поради тоа, не е ни чудно што во такви ситуации добрите вработени заминуваат.