Доколку како граѓанин, во текот на 2018 година, сте оствариле приходи по основ на плата, или приходи од издавање под закуп на станбен објект (кирија) или сте оствариле хонорар по основ на авторски договор, понатаму сте учествувале во наградна игра и сте оствариле добивка над 5.000 денари или пак сте оствариле добивка од посебни игри на среќа (во казино, во обложувалница, во автомат клуб), имате обврска податоците за приходите искажани во пополнетата годишна даночна пријава да ги:
- потврдите, доколку се точни или
- коригирате, дополнувајќи ја – доколку имате остварено приход кој не е искажан односно опфатен во неа и/или
- коригирате, доколку за некој од искажаните приходи увидите дека износот не е точен или вистинит.
УЈП најдоцна до 30-ти април оваа година, преку интернет страница ќе ги извести корисниците за обврската да ги потврдат или коригираат податоците за остварените приходи.
За да може УЈП да ја достави пополнетата годишна даночна пријава на увид на граѓаните, како и за да можат граѓаните да ја исполнат својата законска обврска, односно да ја потврдат точноста или да ги коригираат податоците од пополнетата годишна даночна пријава преку системот e-pdd.ujp. gov.mk најдоцна до 31-ви мај 2019 година, потребно е навреме да се регистрираат на системот е-Персонален данок e-pdd.ujp. gov.mk.
Задолжително потврдете или коригирајте ги податоците за приходите и платениот персонален данок во годишна даночна пријава доколку во текот на 2018 година:
- сте оствариле плата;
- сте оствариле пензија и друг вид на приход;
- исплатен Ви е регрес за годишен одмор;
- сте оствариле приходи од продажба на сопствени земјоделски производи;
- сте издавале под закуп (кирија) или подзакуп: станбен или деловен простор, гаража, земјиште, викендица, опрема, превозни средства или друг вид на имот;
- сте склучиле авторски договор, односно сте оствариле приход од авторски права и права од индустриска сопственост;
- ви била исплатена дивиденда или камати по основ на заем исплатен на физичко или правно лице;
- сте оствариле капитална добивка од продажба на учество во капитал (продажба на удел) и недвижен имот;
- сте оствариле добивка од општите игри на среќа во износ поголем од 5.000 денари (од лото, од наградни игри…) или пак сте оствариле добивка од посебни игри на среќа (во казино во обложувалница во автомат клуб) ;
- имате лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Република Македонија;
- работно сте ангажирани во амбасада, мисија на меѓународна организација во РМ, односно имате лични примања од дипломатски, односно конзуларни претставништва на странски држави во РМ или пак остварувате лични примања кај претставници и службеници на претставништвата кои уживаат дипломатски имунитет;
- сте оствариле и “други приходи“
Како граѓанин и даночен обврзник за персоналниот данок на доход, најважниот датум за вас е 31-ви мај – последниот ден за потврдување на точноста на податоците од пополнетата годишна даночна пријава или коригирање на податоците во годишната даночна пријава. Годишната даночна пријава можете да ја потврдите почнувајќи од први мај, но не подоцна од 31-ви мај 2019 година.