Европскиот парламент денес гласаше дека од 2021 година ќе се укине поместувањето на часовникот кое со децении се практикуваше во март и во октомври.
Според сегашната директива на ЕУ, сите 28 земји-членки сега се префрлаат на летно сметање во последната недела од март и назад на зимско сметање во последната недела од октомври.
За две години, земјите кои планираат да останат засекогаш на летното сметање на времето, треба да ги поместат сказалките последен пат во март 2021 година, а оние кои ќе изберат пресметка на зимскиот период ќе ги прилагодат своите часовници за последен пат во октомври 2021 година.
Европската комисија, задолжена за изготвување на законодавството во ЕУ, минатата година поднесе предлог, по јавната расправа, која покажа дека 84 проценти од испитаниците сакале да престанат да го менуваат својот часовник.
Летното пресметување на времето(DST) е задолжително во ЕУ од 2001 година, со цел да се подобри внатрешниот пазар во ЕУ и да се намалат трошоците за енергија.
Сепак, заштедата на енергија се покажала прилично маргинална. Исто така, некои од главните трговски партнери на ЕУ, вклучувајќи ги Кина, Русија и Турција, не работат по DST.
Консултациите и научните студии укажуваат дека промените на времето негативно влијаат врз здравјето на луѓето.
Комисијата на ЕУ вели дека студиите покажуваат дека “влијанието врз човечкиот биоритам може да биде посериозен отколку што претходно се мислеше”.