Шефот на Рајанер претстави иновативна идеја која ќе им овозможи на патниците бесплатни летови, а тој ќе заработува уште повеќе.
Најдоцна за 10 години сите летови на авиокомпанијата Рајанер ќе бидат бесплатни, најави Мајкл О’Лири на конферецијата на авикомпании во Лондон.
О’Лири истакна дека неговата компанија од 2026 година ќе заработува исклучиво од приходите на аеродромите што ќе ги прават патниците.
Неговата логика е всушност многу едноставна: патниците нема да плаќаат билети, а Рајанер на тој начин ќе привлече милиони патници на аеродромите од каде и до каде што превезува патници, тие ќе имаат повеќе пари за трошење во продавници, ресторани и кафулиња, а Рајанер ќе заработи од уделот во прометот што ќе го направат патниците на аеродромот.
“Некои разговори на оваа тема веќе почнаа и тоа на мали локални аеродроми низ Европа кои имаат цел да привлечат што е можно поголем број туристи во нивните средини, како и да остварат поголем патнички сообраќај. Оваа практика нема да функционира на Хитроу или на друг поголем аеродром, но мислам дека ќе вроди плод на помалите регионални аеродроми на кои им е од интерес да го зголемат протокот на патници“, убеден е О’Лири додавајќи дека тоа би значело значително намалување на аеродромските такси и таксите за слетување бидејќи разликата ќе биде компензирана со зголемувањето на патничкиот сообраќај.
Според проценките, Рајанер се очекува до крајот на годината да постигне еден од најдобрите резултати досега – ќе има дури 119 милиони патници, а нивната флота се шири, така што за неколку години би можеле да имаат капацитет од 200 милиони патници, според Гардијан.
Просечната цена на билетите на Рајанер сега е околу 46 евра, а во следниот период компанијата има намера да ја спушти за 10 до 15 отсто.