Според анализата на германската Федерална агенција за труд, просечната бруто плата во Германија за вработените со германско државјанство изнесува 3.294 евра, а странските државјани во просек заработуваат по 2.363 евра – разликата е 22 проценти.
Најниско платените работници доаѓаат од Сирија, Авганистан, Ирак, Нигерија, Еритреја, Иран, Пакистан и Сомалија. Тие заработуваат само 1.839 евра месечно. Овие разлики во платите се однесуваат на сите нивоа на занимања – помошни работници, квалификувани работници, специјалисти и експерти.
Како помошни работници, Германците заработуваат по 2.313 евра, а странските работници само 1.918 евра. Но, странците кои доаѓаат од земјите од каде што пристигнуваат најмногу барања за азил, како помошни работници заработуваат само 1.647 евра.
Сличен јаз постои и кај вработените со високо образование: Германците заработуваат по 5.333 евра, странците околу 4.960 евра, а работниците кои доаѓаат од гореспоменатите земји само 4.394 евра. Разлики постојат и кога двајца исто квалификувани работници работат иста работа.
Најмала разлика помеѓу Германците и странските работници има во професиите кои спаѓаат во редот на најнископлатени професии во Германија. Така, како хигиеничари, Германците заработуваат 1765 евра, странците 1.761 евро, а вработените од овие осум земји околу 1.655 евра.
Анализата на Федералната агенција за труд покажува и дека на Германија не и недостасува работна сила бидејќи минатата година имало околу 796 илјади слободни места, додека пак, невработени биле 2.3 милиони граѓани, што значи дека односот е 3 спрема 1.