Избегнувајте ги бидејќи не ви носат никаква корист!
Постојат неколку зборови и фрази, кои и покрај тоа што звучат убаво и мислите дека ќе ви бидат од корист за подобро да се претставите себеси на разговор за работа, се различно интерпретирани од страна на интервјуерите и можат да ја попречат вашата цел да ја добиете работата која толку многу ја посакувате. Прочитајте кои зборови треба да ги избегнувате кога се опишувате себеси и што треба да користите наместо нив.
Перфекционист – уште еден збор за одолговлекувач
Овие луѓе често не ја довршуваат работата бидејќи се спречени од своите повисоки очекувања. Тие започнуваат да пишуваат извештај и не можат да ја започнат ни првата реченица бидејќи се парализирани од верувањето дека нивниот прв предлог мора да биде беспрекорен. Психологот Елена Милер вели дека перфекционистите честопати се чувствителни на критики и им требаат појасни упатства за да не губат време на работи кои не се важни.
Што да кажете наместо перфекционист: ориентиран/а кон детали; детален/на.
Мултитаскер – уште еден збор за нефокусиран
Научниците тврдат дека нашите мозоци не можат да се фокусираат на повеќе задачи во исто време, туку само да се префрлуваат помеѓу задачите брзо, давајќи илузија на мултитаскинг. Тоа значи дека луѓето не можат да бидат на состанок и да пишуваат мејл во исто време – тие ја вршат секоја од овие задачи во неколку различни интервали истовремено и постојано го менуваат своето внимание од едното на другото. Иако звучи импресивно, ова ја намалува продуктивноста бидејќи се губи и од двете активности.
Што да кажете наместо мултитаскер: организиран/а; способен/на да се справи со кратки рокови.
Ми оди со луѓе – уште еден збор за “јас не разбирам што подразбира оваа работа“
Оваа фраза многу често се користи од кандидати кои аплицираат за позиции во продажба, човечки ресурси или корисничка поддршка. Меѓутоа, малкумина знаат дека тоа е всушност фраза без никакво значење и вообичаено се користи за некој што не ги разбира барањата на работата. Запомнете дека интервјуерот сака да види како ќе се опишете себеси на начин што покажува дека ги поседувате специфичните компетенции за работното место.
Што да кажете наместо ми оди со луѓе: колаборативен/на; фокусиран/а на клиенти.
Интелигентен – уште еден збор за “не мора да се обидам“
Возрасните луѓе кои се изјаснуваат како интелигентни, честопати се гордеат со брзото совладување на задачите и добриот ранг меѓу своите врсници. Според студиите на Клаудија Милер и Керол Двајк, ова себе-етикетирање како интелигентна личност започнува уште од рана возраст. Во серија експерименти на ученици во петто одделение, децата кои постојано добивале пофалби за својата интелигенција претпочитаат полесни задачи каде што брзо можат да го покажат своето знаење и да ја фиксираат својата конкурентска позиција пред другите. Спротивно на тоа, децата кои добиле пофалби за својата напорна работа бараат нови предизвици и имаат развиено внатрешно чувство на конкуренција за постојано подобрување и личен развој. Овој менталитет може да не следи и на работното место, па затоа вработените кои тврдат дека нивната интелигенција е најголема сила на којашто можат да се потпрат ги избегнуваат непознатите задачи и негативно реагираат на критики при евентуален неуспех.
Што треба да кажете наместо интелигентен: аналитичен/на; брзо учам; ја гледам целата слика.