Ако не сте аплицирале за пракса, ве охрабруваме да го направите тоа, а доколку веќе сте аплицирале, време е да се подготвите за вашата прва средба со претставниците на компанијата. За таа цел, ви откриваме осум прашања, од кои едно или две сигурно ќе ви се паднат на вашето интервју за пракса.
Прво, имајте на ум дека праксата е двонасочна улица. Да, постојат задачи и најверојатно еден или два проекти во кои вашиот ментор планира да ве вклучи во текот на вашето стажирање, а за тоа време, од вас се очекува да бидете ангажиран и продуктивен член на тимот. Но, компанијата, исто така, сака да ви овозможи исклучителна можност за учење.
Тоа значи дека во никој случај од вас не се очекува да бидете експерт во полето или да имате богато “професионално“ искуство кое би го презентирале на самото интервју. Воглавно, интервјуерот сака да дознае повеќе за вас, за вашето досегашно искуство (вклучувајќи професионални, образовни и волонтерски можности), како и за тоа како ќе се справите во различни ситуации.
Тие, исто така, сакаат да разберат зошто сте заинтересирани за практикантство во нивната компанија? Кои се вашите очекувања од праксата? Дали е таа во согласност со вашата кариерна траекторија или само барате нешто што би го правеле во текот на летото? Едноставно, тие сакаат да ангажираат некој што ќе покаже голема страст во нивното поле на работа.
Со сето тоа на ум, ви презентираме осум општи прашања кои може да ги очекувате за време на вашето интервју за пракса:
1. Зошто сте заинтересирани за оваа практикантска работа / компанија / индустрија, и какви вештини или искуства очекувате да стекнете?
Како што може да претпоставите, ова прашање се користи за да се оцени дали вашите цели и очекувања се во согласност со тоа што компанијата може да ви го понуди. Интервјуерите, исто така, сакаат да бидат сигурни дека ќе изберат кандидат на кого навистина му значи да стане дел од нивната компанија.
2. Кој е најдобриот тим од кој некогаш сте биле дел и зошто е тоа така? Како изгледа идеалниот тим според вас?
Прашањето за тимот може да биде поставено во различни форми. Со негова помош, интервјуерот сака да дознае како работите со други луѓе со цел да може да проектира како ќе работите во неговиот тим.
3. Кажете ни за ситуација во која сте презеле иницијатива или лидерска улога?
Со ова прашање интервјуерот сака да оцени дали имате мотив, односно дали сте подготвени да биде лидер без тоа да се побара од вас.
4. Кажете ни за некоја задача или проект во кој сте биле инволвирани ? Што беше тоа што го направивте добро, а што би направиле поинаку?
Интервјуерот сака да дознае повеќе за вашиот начин на работа. Тоа создава можност да се разбере вашиот процес на работа, како и начинот на кој се справувате со работните задачи. Дели сте организирани? Ефикасни? Тимски играч? Дали го менувате курсот кога знаете дека треба да се направи тоа? Дали учите од своите грешки кога работите тргнуваат наопаку? Дали размислувате стратешки кога правите одредени работи? Ова се само дел од прашањата кои го интересираат интервјуерот кога ќе го постави ова прашање.
5. Кој е најголемиот предизвик со кој сте се соочиле и како го надминавте?
Начинот на кој вие се справувате со предизвици, грешки и неуспеси, може да му открие на интервјуерот многу за вашите атрибути од кои зависи дали ќе бидете добар практикант и дали ќе се вклопите во културата на компанијата.
6. Раскажете ни за некој момент кога сте требале да научите нешто сосема ново.
Во основа, интервјуерите преферираат некој кој е отворен и желен да учи, а не некој кој ќе биде затворен и ќе гледа да ја заврши работата со минимум вложен труд. Тие, исто така, сакаат некој кој е подготвен да развива нови вештини или да преземе нова задача за доброто на тимот.
7. Можете ли да ни кажете за некој проект или успех на кој сте особено горди?
Важи за едно од омилените прашања на интервјуерите, а преку него сакаат да го откријат скриениот талент кој го поседува кандидатот. Исто така, преку ова прашање ви се дава можност да се пофалите себеси.
8. Дали имате некое прашање за нас?
Секогаш треба да имате подготвени прашања кои ќе ги поставите на крајот од интервјуто. Тие можат да бидат за праксата, вашиот потенцијален менаџер, тимот или компанијата во целина. Секој интервјуер сака да знае дека сте проаткивни во процесот на интервјуто, па затоа поставувањето на внимателно смислени и провокативни прашања се одличен начин за да го покажете ова.