Што еден оглас треба да содржи за да биде атрактивен? Кои елементи треба или не треба да ги има за да ги натера работобарателите да го испратат своето CV? Одговорот се крие во резултатите од нашата најнова анкета.
Како централно место за барање работа во Македонија, Vrabotuvanje.com реши да го испита јавното мислење на работобарателите во врска со ова прашање објавувајќи анкета на www.vrabotuvanje.com.mk
Во анкетата Што најмногу ве нервира при отворен оглас? беа опфатени 846 работобаратели (посетители на веб страницата) и дури 66 проценти од нив се фрустрираат кога во огласот не е наведена платата.
“Не сакаме да си го трошиме времето непотребно. Секој од нас има одредена сума под која не би прифатил да работи“, вели еден од испитаниците. “Правилен оглас мора да има нето плата“, вели друг. “Во најмала рака треба да дадат ранг, од колку до колку се движи платата. Оглас без плата не треба да се објавува“, додава трет.
А кои се другите причини?
Кога аплицирам и не добивам никаков одговор сметаат 20 проценти од испитаниците. “Всушност и нема нервоза. Сепак, сметам дека е коректно да се одговори по смс или е-пошта, освен ако има 7.000 пријавени, а се бараат само 2 работника“, коментира еден работобарател.
Кога огласот е анонимен и не знам во која компанија аплицирам ги револтира само 7 проценти од испитаниците, а еден од нив вели “Како апликанти, имаме право да ја знаеме компанијата во која аплицираме за да истражиме и одлучиме дали воопшто да аплицираме или не“.
Кога работните обврски не се јасно дефинирани создава фрустрација кај 4 проценти од испитаниците бидејќи, како што велат тие, наведените работни обврски се генерализирани и често се случува за ниски работни места да се бара универзитетска диплома и неколкугодишно искуство. Дополнително, проблем е и тоа што голем дел од работодавачите не нудат обука за нововработените.
Кога еден ист оглас постојано се повторува им смета на 2 проценти од испитаниците бидејќи тоа создава перцепција кај нив дека компанијата постојано ги менува своите вработени.
Па, работодавци, се надеваме дека ќе ги искористите сознанијата од нашата анкета и ќе ги направите вашите огласи да изгледаат поатрактивно бидејќи тоа значи поголем број на апликации, и секако, поквалитетни кандидати.