Една студија спроведена од TheLadders покажа дека на работодавците им се доволни околу 6 секунди за да погледнат во CV-то на кандидатот и да одлучат дали тој е добар за отвореното работно место. И што гледаат во тие кратки шест секунди?
Излезе дека 80 проценти од тоа време или уште пократко – 4.8 секунди – се троши на овие конкретни информации: името, сегашната позиција / компанија, претходната позиција / компанија, времето на почеток и крај на претходната работна позиција, времето на почеток на сегашната работна позиција и образованието.
Ако го привлечете вниманието на работодавците за време на овие неколку секунди, тогаш тие ќе копаат подлабоко во вашата биографија и токму затоа е потребно да користите зборови кои ќе успеат да го привлечат нивното внимание, со цел да добиете покана за интервју. Од друга страна, користењето на погрешни зборови ќе направи да изгледате непрофесионално, оставајќи лош прв впечаток.
Според TheLadders, следните пет зборови ќе ви помогнат да го привлечете вниманието на работодавците, а можеби и да ја добиете работата:
Направив
Компаниите сакаат иновативни и креативни вработени кои не се плашат да преземат ризик и да пробаат нови работи во насока на остварување на целите на компанијата. Што сте направиле на работа во последно време?
Постигнав
На крајот на краиштата, работодавците сакаат ангажирани луѓе кои се самомотивирани и кои всушност ги завршуваат задачите. Бидете сигурни дека вашите најголеми професионални достигнувања се вклучени во кратката биографија – колку повеќе, толку подобро.
Подобрив
Секој процес, систем и производ може да се подобри на некој начин. Работодавците се во потрага по луѓе кои постојано бараат начини да ги подобрат своите организации – како и производите и услугите што тие ги нудат.
Решив
Решавачите на проблеми се голема предност за секоја организација, па токму затоа работодавците сакаат кандидати кои во своето резиме ќе покажат дека имаат искуство во решавање на проблеми.
Менторирав
Работодавците се среќни кога ќе вработат луѓе кои ги направиле сите работи кои се наведени погоре, но верувајте дека тие се уште поисполнети кога ќе најдат некој што бил ментор и ги подучувал другите. Затоа, доколку сте имале менторско искуство, бидете сигурни дека ќе го споменете тоа во вашата биографија.