Не е мал бројот на работници кои редовно го користат времето додека патуваат до работа или дома за читање на е-пошта, а тоа време би требало да се смета како дел од работниот ден, велат истражувачите.
Се позастапениот пристап до безжичен интернет во возовите и масовната употреба на мобилните телефони го продолжија работниот ден, според една студија од Универзитетот во западна Англија.
Студијата опфати 5.000 патници во железничкиот сообраќај на пат кон Лондон, кога безжичниот интернет станал подостапен за нив.
“Јас сум зафатена мајка и мора да го искористам тоа време“, вели една од испитаниците. “За мене е навистина важно да ја завршам мојата работа додека патувам“, додава таа. Инаку, таа се вози секојдневно на линијата од Ајлсбери до Лондон.
Телефонот никогаш не стои мирен
Студијата која ќе биде презентирана во Кралското географско друштво, покажа дека 54 отсто од патниците користат безжичен интернет за испраќање на деловна е-пошта.
Исто така, дел од патниците користеле и свој интернет за да го направат тоа.
Оние кои патувале до работа испраќале мејлови за да се подготват за новиот работен ден, а оние што се враќале дома за да ја завршат недовршената работа.
Студијата го истражи и влијанието на бесплатниот интернет врз начинот на кој луѓето го организираат своето работно време.
Се испоставило дека интернет пристапот во возот влиае на тоа луѓето да работат подолго бидејќи тие користат лаптоп и мобилен телефон за работа додека патуваат.
Рамнотежа помеѓу работата и слободното време
Истражувањата и резултатите покренуваат прашања во врска со рамнотежата помеѓу работата и животот – и дали е здраво да се продолжи работниот ден, така што деловната комуникација се продолжува на мејл надвор од работното време.
Ако патувањето до работа стане дел од работното време, дали ова прашање ќе биде затворено?