Според последните податоци од Државниот завод за статистика, просечната исплатена нето плата по вработен во април изнесувала 24.785 денари и истата е за 3.5 проценти повисока во однос на истиот период лани.
Зголемување има и кај бруто платата која во април изнесувала 36.796 денари што претставува зголемување од 4.8 проценти во однос на истиот месец минатата година.
Зголемувањето се должи на покачувањето на просечната плата во секторите: Дејности на здравствена и социјална заштита, Транспорт и складирање и Административни и помошни услужни дејности.
Споредено со март оваа година ,зголемување на платите е регистрирано во секторите: Уметност, забава и рекреација, Рударство и вадење на камен и Транспорт и складирање.
Програмерите со највисока плата
Највисока просечна нето плата во април имале вработените во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејности (60.991 денари), а веднаш потоа следат секторите Воздухопловен транспорт (46.813 денари), Производство на основни фармацевтски производи и фармацевтски препарати (44.713 денари), Телекомуникации (44.008 денари) и Финансиско-услужни дејности, освен осигурување и пензиски фондови (42.522 денари).
Најниската плата е 14.674 денари
На дното се наоѓаат вработените во секторите Заштитни и истражни дејности (14.674 денари), Производство на кожа и слични производи од кожа (14.900 денари), Услуги поврзани со одржување на згради и дејности на уредување и одржување за животната средина и природата (15.218 денари), Рибарство и аквакултура (15.691 денари) и Дејности за подготовка на оброци и служење на храна (15.843 денари).
Сакате да ја дознаете просечната плата за вашата професија според степенот на образование, работното искуство и регионот?