Граѓаните на Северна Македонија од денеска, при секое патување во земјите од регионот, односно во Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија и Црна Гора ќе можат да користат интернет, да испраќаат СМС пораки да добиваат повици и примаат повици за цени пониски дури и до 99%ва денеска го најави министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски.
Граѓаните на Северна Македонија од денеска: Ќе можат да вршат повици кон земјите од Западен Балкан по цена од 5,05 денари по минута (со ДДВ). Досегашната цена во просек беше 75,4 денари. Ќе можат да примаат повици во било која од земјите од Западен Балкан по цена од 2,9 денари по минута (со ДДВ). Досегашната цена во просек беше 30,2 денари. Ќе можат да праќаат СМС пораки од било која од земјите од Западен Балкан по цена од 2,6 денари (со ДДВ). Досегашната цена во просек беше 16,1 денар.
Ќе можат да користат интернет во земјите од Западен Балкан по цена од 1,9 денари (со ДДВ). Цените се линеарни, односно важат за сите земји и за било кој оператор. Намалувањето на цените изразено во проценти значи: За Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора: 68% за појдовни повици 31% за дојдовни повици 71% за СМС и 89% за користење на интернет Процентуалното намалување за сите услуги во Албанија и Косово е над 93%.
Разликата во намалувањето на цените изразено во проценти се должи на тоа што во првата група се земји со кои што претходно имавме потпишано спогодба за намалување на цените на роамингот (Босна, Србија и Србија), додека во втората група се земји каде што цените на роаминг услугите не беа регулирани претходно (Албанија и Косово). Намалувањето на цените на услугите во роаминг, произлезе како заклучок од првиот Дигитален Самит што се одржа во Скопје, по што следуваше потпишувањето на договор помеѓу сите шест држави на самитот во Белград.
Се очекува од први јули 2021 година, корисниците воопшто нема да плаќаат за користење на роаминг услугите во шесте земји на Западен Балкан. Тогаш во сила ќе стапи целосно Роаминг како дома, по примерот на земјите од Европската Унија. Овој договор беше предуслов за почеток на процесот за намалување на цените за роаминг и со ЕУ. Разговорите ќе ги иницираме веднаш, а целта ќе биде набрзо после први јули 2021 година да дојде и до вакво драстично намалување и на крајот укинување на роамингот помеѓу Западен Балкан и ЕУ.