Во еден типичен ден, жените извршуваат три пати повеќе домашни работи отколку мажите.
Дали овој факт ги прави жените светици за чистотата, додека пак мажите се генетски неспособни да го забележат нередот во своето опкружување?
Овој мит е вообичаено објаснување зошто мажите не ги извршуваат домашните работи во толкава мера како жените. Мажите одат во своите соби и не можат да ја забележат прашината на подот или купот од алишта на креветот.
Но, една неодамнешна студија покажа дека мажите не се “слепи“ – и тие, како и жените, можат да го видат целиот хаос околу нив.
Нерамноправност
И покрај тоа што денес живееме во време кога мажите и жените се рамноправни, сепак, жените се’ уште добиваат поголем дел од работата во домаќинството.
Во просек, жените поминуваат приближно 1 час и 20 минути дневно во готвење, чистење и перење на алишта. Околу една третина од тоа време е потрошено само за чистење. Од друга страна, мажите трошат околу половина час за извршување на овие должности – и само 10 минути за чистење и средување.
Оваа нееднаквост во домаќинството е евидентна со текот на времето, низ различните професии, па дури и кога жените работат подолго време и прават повеќе пари. Дури и во Шведска, каде што владините политики се силно насочени кон унапредување на родовата рамноправност, жените завршуваат поголем дел од домашните обврски. Швеѓанките имаат двојно повеќе дневна работа отколку мажите, иако жените таму е многу поверојатно да работат на полно работно време отколку во други земји.
Се разбира, колку повеќе време жените трошат за овие активности, толку помалку време им останува за сон, работа и одмор.
Нередот е неред - без разлика дали сте маж или жена
Во новата студија, која неодамна беше објавена во научното списание “Sociological Methods and Research”, 327 мажи и 295 жени од различна возраст и средина беа прашани да проценат фотографија од мала дневна соба и кујна.
Од нив било побарано да дадат оценка за тоа колку е неуредна собата и колку итно и треба чистење.
Првото нешто што сакале истражувачите да го дознаат било дали мажите и жените ја оцениле собата поинаку. Спротивно на популарното мислење, мажите и жените го виделе истиот хаос: тие ја оцениле чистата просторија подеднакво чиста и неуредната просторија подеднакво неуредна.
Значи, ако мажите не се “слепи“ за нечистотија, зошто тогаш жените извршуваат поголем дел од домашните работи?
Еден аргумент е дека социјалните очекувања во поглед на ова прашање се различни за мажите и жените. Жените кои имаат неуреден дом имаат поголеми предрасуди од мажите и токму овој стереотип може да ги мотивира да сторат повеќе за тоа.
Истражувачите го тестирале и ова кажувајќи им на испитаниците дека фотографијата што ја гледаат е собата на Џон, односно Џенифер. Потоа, од испитаниците било побарано да ја оценат личноста на Џон и Џенифер како одговорна, вредна, невнимателна, внимателна и слично земајќи ја предвид чистотата во нивниот дом.
Исто така, тие ги натерале учесниците да дадат свое мислење околу тоа што би кажале нивните семејства, директори и пријатели доколку ги затекнат домовите на Џон или Џенифер во ваква состојба и колкава ќе биде одговорноста на Џон и Џенифер за домашните работи доколку работат со полно работно време и живеат сами, работат со полно работно време и живеат во брак и имаат деца и доколку се во брак, но се без работа.
Ова е делот каде што работите станале интересни. Учесниците ги оцениле фотографиите различно во зависност од тоа кој живеел во собата. Имено, испитаниците имале повисоки стандарди за чистота за Џенифер, отколку за Џон. Кога им било кажано дека една од уредните соби била на Џенифер, учесниците сметале дака истата е помалку чиста, отколку во случајот на Џон.
Без предрасуди
Луѓето сметаат дека жените имаат поголема одговорност за хигиената во домот отколку мажите. Некои жени може да ги интернализираат или да ги прифатат таквите стандарди. Но, за многумина, тоа не е поради љубовта кон чистењето, туку од стравот како ќе биде перцепиран нередот – тоа е една од причините зошто жените многу често чистат пред пристигнување на неочекувани гости.
Добрата вест е дека со доволно колективна волја, старомодните социјални очекувања можат да бидат променети.